Голем удар за Алборг – Сагосен оди на долга пауза!

Данскиот шампион Алборг доби сериозен удар пред продолжението на сезоната, откако потврди дека норвешката ѕвезда Сандер Сагосен ќе биде надвор од терените на неопределено време.

Кај искусниот бек е констатирано повреда на карлицата, поради што ќе мора да паузира во наредниот период. Повредата ја заработил на натпреварот против Фредериција, кога Сагосен го доиграл мечот со намален интензитет и со болки.

По дополнителните лекарски прегледи било утврдено дека станува збор за повреда која ќе бара подолга пауза. Периодот на опоравување би можел да трае меѓу шест и 14 недели.

„Многу е фрустрирачки, бидејќи имав добар почеток и чувствував дека добро влегов во сезоната. Пред нас е долг и интензивен период и нормално е човек да сака да биде дел од тимот и да помогне“, изјави Сагосен.

Отсуството на Сагосен е сериозен удар за данскиот клуб, бидејќи тој е еден од лидерите на тимот и играч со огромно искуство.

Сагосен досега има 189 настапи и 792 голови за Алборг, а данскиот тим во продолжението од сезоната го очекува густ распоред со натпревари во домашното првенство, Купот и Лигата на шампионите.

Алборг во средата одигра драматичен натпревар со ПСЖ во Лигата на шампионите, кој заврши без победник, 33:33.