Денеска стартува новата сезона во Првата лига со 14 екипи, кои ќе се борат за првото место што води во елитната конкуренција, но и второто место што носи бараж пресметка за Супер лигата.
За разлика од досега нема изразит фаворит за Супер лигата, но можеби тоа е екипата на Пролет, која долго време играше во најсилната конкуренција. Тука се Вардар Неготино, Драчево Јуниор, Македонија Ѓорче Петров, но и новиот прволигаш Илинден, довчерашниот суперлигаш Радовиш…
Дербито во првото коло меѓу Драчево Јуниор и Вардар Неготино се игра вечерва во салата „Круме Кепески“ од 19:30 часот.
Двата тима менуваа многу во ростерите ова лето, па се очекува интересна пресметка која ќе донесе возбудувања за љубителите на ракометот.
Аеродром и Радовиш ги заменија домаќинствата, па довчерашниот суперлигаш ќе игра дома во првата средба, а првпат ќе се игра ракомет во Македонска Каменица, каде ќе гостува Партизан Гевгелија.
Новиот прволигаш Илинден ќе ја пречека Македонија Ѓорче Петров, која ќе биде фаворит за бодовите, а ист е случајот со Пролет, кој го чека Шампион.
Ќе има натпревари во Гостивар и Ресен, каде Јехона и Преспа ќе ги пречекаат Овче Поле и Текстилец.
Прва лига, 1 коло:
12/09, 18:30, Аеродром – Радовиш
12/09, 19:00, Илинден – Македонија Ѓорче Петров
12/09, 19:30, Драчево Јуниор – Вардар Неготино
13/09, 18:00, Сокол Саса – Партизан Гевгелија
13/09, 18:30, Јехона – Овче Поле
13/09, 19:00, Пролет – Шампион
13/09, 19:00, Преспа – Текстилец
























