Ракометарите на Бутел Скопје и Младост Богданци си поделија по еден бод на стартот на Супер лигата, откако гостите успеаја да се изборат за реми 30-30 на десетина секунди до крајот. Домашните имаа плус четири, 30-26, но грешеа во финишот, беа казнети и Пејиќ погоди во мрежата на Бутел за голем бод за новиот суперлигаш.
Младост Богданци отвори со гол преку Бојаниќ, но потоа голманот Богдановски бранеше во серија, не беше совладан седум минути, а за тоа време неговите соиграчи погодија четири пати за 4-1.
Имаа домаќините и 8-4, па 9-5, пред гостинскиот стратег Горан Андоновски да побара тајм-аут. Во следниот период се разигра Даниел Андоновски, Илиќ врза неколку одбрани во серија и Младост стигна до реми, 10-10.
Реагираше и домашниот стратег Стојанче Стоилов со минута одмор по падот на неговата екипа, а богданчани казнија грешки на бутелци и на паузата заминаа со водство, 13-12.
На стартот на вториот дел Трсунов и Марковски веднаш направија пресврт, имаше Бутел Скопје налет и набрзина отиде на плус четири, 18-14, највисока предност што ја имаше и во првиот дел.
Младост беше упорен, успеваше да парира, но Бутел ја имаше контролата и успеваше да ја одржи предноста. Беше 28-24, па 30-26 на седум минути до крајот, но оттогаш домашните како да застанаа.
Илиќ се разбрани, бутелци погрешија во повеќе наврати, а на десетина секунди до крајот Пејиќ стрелаше во домашната мрежа за 30-30, откако претходно погодуваа Бојаниќ и повторно Пејиќ.
Немаше време за нова акција на Бутел и домаќините на крајот мораа да се задоволат со еден бод, иако ќе жалат затоа што водеа со четири гола во повеќе наврати во текот на мечот.
Кај домашните, голманот Богдановски имаше седум одбрани, шест гола даде Субашевски, а по пет имаа Јовиќ и Ѓеоргиевски, додека кај Младост се истакна голманот Илиќ со 12 интервенции, Андоновски даде осум гола, а Бојаниќ шест.
























