Младен Тарчуловски е нов пивот на Драчево Јуниор

Тимот на Драчево Јуниор ангажираше уште еден нов ракометар пред стартот на новата прволигашка сезона.

Ново име во составот на тренерот Велимир Настески е кружниот напаѓач Младен Тарчуловски, кој доаѓа од младинскиот тим на Вардар, а претходно настапуваше и за „витамините“ од Автокоманда.

Претходно во амбициозниот прволигаш се преселија средните бекови Томче Пецаковски од Еурофарм Пелистер 2 и Теодор Пецановски од Автокоманда, а оттаму доаѓаат и голманот Филип Николовски и левиот бек Томислав Стаменков. Потпишаа и левите крила Лука Мојсовски, кој доаѓа од Автомоманда и Матеј Тасевски кој дојде од Вардар, како и левиот бек Огнен Тасевски, кој минатата сезона беше дел од младинскиот тим на „црвено-црните“. Нови имиња во Драчево Јуниор се и средниот бек Иван Ќурчиев, кој беше дел од младинската екипа на Вардар, потоа левото крило Виктор Панчевски, кој доаѓа од Автокоманда, како и Давид Најдовски, кој беше дел од „црвено-црните“.

Амбициозниот прволигаш пред три сезони играше бараж за Супер лигата, а минатата сезона ја заврши ТОП 3. Во новата сезона Драчево Јуниор ќе биде дел од Првата лига со уште 13 други екипи, а првото коло ќе се игра на 12/13 септември.

Момците на Настески ќе стартуваат со дерби двобој на домашен терен против Вардар Неготино, уште еден кандидат за врвот во Првата лига.