Бундеслигашот Гумерсбах, кој е ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, продолжи да му верува на тренерот Гудјон Валур Сигурдсон.
Исландскиот стратег го продолжи договорот со германскиот клуб и ќе остане на клупата на Гумерсбах до летото 2029 година. Претходната соработка му истекуваше на крајот од сезоната 2026/27.
Сигурдсон го презема Гумерсбах во летото 2020 година, веднаш по завршувањето на својата играчка кариера. Во 2022 година успеа да го врати клубот во Бундес Лигата, а во сезоните 2022/23 и 2025/26 беше прогласуван за најдобар тренер во германското првенство.
Минатата сезона Гумерсбах ја заврши на четвртото место во Бундес Лигата, што беше најдобар пласман на клубот во последните 19 години.
„Многу сум среќен и благодарен за довербата која ми ја укажа клубот. Во изминатите години постигнавме многу заедно, но и понатаму чувствувам дека нашиот пат е далеку од завршен. Соработката со клубот, мојот тренерски штаб и тимот се темели на голема доверба. Јас и моето семејство овде се чувствуваме како дома. Гумерсбах за мене е многу повеќе од само работа. Затоа со нетрпение очекувам да продолжам да учествувам во развојот на клубот во следните години“, изјави 47-годишниот Сигурдсон.
Гумерсбах во новата сезона ќе има и европски предизвици, а меѓу ривалите во Лигата на Европа е и македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























