И пред мечот со Ловќен, македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер беше апсолутен фаворит, но уште во првото полувреме го трасираше патот кон вториот триумф сезонава во Регионалната лига. Двоцифрената разлика, 45-33 (24-15) покажа кој е кој на теренот.
Еурофарм Пелистер е првиот тим во Регионалната лига што постигна повеќе од 40 гола, а капитенот Филип Кузмановски втор меч по ред има двоцифрен број постигнати голови. Овојпат против Ловќен даде 14 гола и имаше и 5 асистенции.
Колку што Лино Червар ќе биде задоволен што неговите ракометари дадоа 45 гола, сигурно ќе нема да му се допадне што одбраната прими 33. Но, оваа разлика од „плус 12“ е досега највисоката во лигата.
Самиот факт што за едно полувреме постигна 24 гола кажува за ефикасноста на ракометарите на Еурофарм Пелистер. Ова беше втор триумф за битолчани сезонава откако пред неколку дена го победија и Партизан пред домашна публика.
Гостите го постигнаа првиот гол, но битолчани веднаш одговорија со серија од 4-0. Во десеттата минута резултатот беше 9-4, а разликата потоа постојано се зголемуваше. Еурофарм Пелистер во 22. минута поведе со 19-11, а во еден момент имаше и десет гола предност – 23-13. Прашањето околу победникот практично беше решено уште во првото полувреме, бидејќи гостите немаа ниту сила, ниту квалитет посериозно да му се спротивстават на македонскиот вицепрвак.
За разлика од првиот натпревар против Партизан, овојпат своја минутажа добија и некои од новите засилувања. На теренот ги видовме Басанезе и Котар, кои исто така се запишаа во листата на стрелците, заедно со Белистојаноски и Калајџиески. Меѓу стативите беше Давид Брестовац.
Покрај Крузмановски кој даде 14 гола, двоцифрен беше и Хенингман со 10 гола, Атанасијевиќ даде 7. Кај гостите Вујовиќ и Анѓелиќ постигнаа по 7 гола.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________























