Кузмановски блесна со 15 гола, нокаут за Партизан во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со победа ја отворија новата сезона во Регионалната лига и им се придружија на Вардар и Охрид, кои исто така победнички стартуваа во ова натпреварување.

Избраниците на Лино Червар го совладаа српскиот шампион Партизан со 35-31 на стартот на регионалната лига пред полните трибини во салата „Боро Чурлевски“.

Капитенот Филип Кузмановски блесна на теренот – постигна 15 погодоци и подели 9 асистенции, а го следеа Никола Граховац и Ник Хенигман со по четири гола. Тобијас Вагнер беше најдобар кај Партизан со десет гола и им правеше најмногу проблеми на пелистерци.

Победникот беше најавен уште по првото полувреме кога Еурофарм Пелистер водеше со 20-13, а во вториот дел домашните водеа и со девет погодоци, па во ниту еден момент триумфот не беше доведен во прашање.

Момците на Раул Гонзалес, кој не сметаше на Кулеш и Кос, колку и да се трудеа не можеа да парираат на расположените домаќини. Битолската публика немаше можност да ги види новите засилувања на Еурофарм Пелистер, бидејќи Червар се реши за оваа пресметка да смета на ракометарите кои го изнесоа товарот минатата сезона.

Следен предизвик за битолчани ќе бидат домашните натпревари исто така во Регионалната лига, на 26 август со Ловќен Цетиње и на 31 август против Дубочица Лесковац.