Вардар се врати од негатива против Тримо, во последните минути го реши мечот и обезбеди пласман во финалето.
Гоце Георгиевски е задоволен од карактерот на екипата, но резултатот не го става во прв план – најважно е тимот да го заврши турнирот без нови повреди.
Вардар мораше добро да се испоти против Тримо за да го завери пласманот во финалето на „Крсте Андоновски“. Словенечкиот тим имаше предност во првото полувреме, а натпреварот практично до самиот крај се играше гол за гол.
Kaпитенот смета дека Вардар покажал карактер во моментите кога противникот успеал да се одлепи.
„Губевме и со три-четири разлика, но се консолидиравме некаде по 15. минута. Практично можам да кажам дека потоа целиот натпревар беше егал. Во последните три минути успеавме да се одлепиме и да го решиме резултатот во наша корист“, изјави Георгиевски.
Иако Вардар обезбеди финале, десното крило не сака подготвителниот период да се оценува само според победите.
Поголема грижа е скратената ротација и проблемите со повреди во момент кога зад екипата веќе има голем број натпревари.
„Јас би потенцирал друга работа. Резултатот мислам дека не е во прв план. Имаме доста скратена ротација, се мачиме со повредени играчи и се надевам дека нема ништо посериозно. Најважно е по турнирот сите да бидеме добро“, вели искусното крило на Вардар.
Во финалето Вардар ќе го чека домаќинот Охрид.
„Охрид ќе биде најсериозниот ривал на Вардар на овој турнир. Ние, како и на секој натпревар, ќе одиме на победа и ќе дадеме сè од себе“, потенцира Георгиевски.
По серијата тешки натпревари во Струга и Охрид, заморот е очигледен, но до крајот останува уште една битка.
„Ќе смогнеме сили. Навистина е пеколен ритам на натпревари, но што е тука е – како за нас, така и за другите. Се надевам на добра игра, без повредени играчи и, секако, на победа“, порача Георгиевски.
Вардар ја исполни првата задача и стигна до мечот за трофеј. Мечот за трофеј е од 20:15 часот.
























