ОХРИД 2026: „Гладијаторите“ со херојско реми против Загреб – ќе го бранат трофејот на домашниот турнир

Ракометарите на Охрид се пласираа во финалето на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ и ќе го бранат трофејот освоен минатото лето, откако ремизираа со Загреб, 30-30.

Овој бод беше доволен за Охрид да го освои првото место во групата А. Херој на мечот беше десното крило Дарко Ѓукиќ кој успеа да го постигне последниот гол што беше доволен за радост на сите присутни. Oхрид имаше гол-разлика +14, додека Загреб имаше +13, и само еден погодок беше доволен за финале на „гладијаторите“.

„Гладијаторите“ отворија со предност од 3-1, а потоа и 5-2 со голот на Јагуриновски, но Загреб искористи две грешки на домашните и намали на 5-4. Одржуваа во продолжение охриѓани водство од еден до два гола разлика, а Карачиќ и Сковребадзе лесно ја пробиваа домашната одбрана.

Се играше брзо, се постигнуваа голови на двете страни, а Загреб стигна првпат до реми, 12-12. Тогаш и охридскиот напад затаи, Ројевиќ мораше да бара тајм-аут, а и голманот Мештриќ кој го замени Кастелиц влезе во серија и хрватскиот шампион успеа да создаде висока предност на паузата, 18-14.

Охрид заигра подобро на стартот на вториот дел, успеа да стопи дел од негативата се доближи на минус еден, 21-20, па Хорват веднаш реагираше со тајм-аут. Прво Штрлек искористи шут од тешка позиција за гол, а потоа Охрид згреши два пати, па одбрани и Мештриќ и Загреб отиде набрзина на највисоки плус пет, 25-20.

Ројевиќ одново реагираше со тајм-аут, Охрид успеа преку Иванковиќ да профитира по исклучувањето на Топиќ, потоа даде уште два гола за 25-23. Но потоа одново Загреб ја презема контролата, Ѓукиќ промаши пенал, потоа се надоврза и Мате, па во последните десет минути се влезе со водство за Загреб со 28-24.

Охрид не се откажа, покажа дека знае да игра до крај и стигна на гол негатива. По одбраната на Славиќ при резултат, 30-29, остана уште една минута до крај. Ројевиќ викна тајм-аут, Ѓукиќ беше прецизен и Охрид со ремито отиде во финале. Останаа само пет секунди за Загреб, а ударот на Бељавски беше непрецизен и почна домашното славје.

По пет гола во домашниот тим дадоа Иванковиќ и Мате, а голманот Славиќ запиша 11 одбрани. Во составот на Загреб се истакна Бељавски со девет погодоци.

Во битката за седмото место од 10:30 часот ќе играат Олимпијакос и Египет У20, за петтото место од 12:30 часот ќе се сретнат Нексе Нашице и Војводина. За третото место ќе играат Загреб и Тримо Требње од 18:00 часот, додека битката за трофеј ќе стартува од 20:15 часот.