Македонските ракометари денес имаат услови дома да играат европски натпревари, да добијат добри договори и да бидат дел од амбициозни клубови. Милан Јокиќ смета дека поради тоа заминувањето во странство повеќе не мора да биде единствениот пат за напредок.
Понуда од Германија или Франција некогаш речиси автоматски значеше следен чекор во кариерата на еден македонски ракометар. Денес ситуацијата е поинаква.
Познатиот ракометен менаџер Милан Јокиќ смета дека растот на македонските клубови направил домашните играчи да немаат потреба по секоја цена да бараат странски ангажман.
Причината е едноставна – во Македонија веќе има неколку клубови кои можат да понудат сериозни финансиски услови, борба за трофеи и настап во европските натпреварувања.
„Во Македонија постојат клубови кои можат да си дозволат да ги задржат македонските играчи. Мислам дека е многу тешко тие играчи да добијат такви договори во Германија или Франција“, вели Јокиќ.
Дополнителна предност за домашните ракометари е правилото според кое македонските клубови мора да имаат домашни играчи во составот. Но, за Јокиќ најважно е што повеќе не постои само еден клуб што може да понуди високо ниво.
„Пазарот не е мал во смисла да постои само еден клуб. Има четири клуба кои се сериозни европски клубови.“
Македонските екипи настапуваат во Лигата на шампионите, Европската лига и другите европски натпреварувања, а во последните сезони имаа и сериозни резултати.
Токму затоа Јокиќ не гледа логика домашен репрезентативец автоматски да прифати понуда од клуб од долниот дел на табелата во некое посилно првенство само затоа што станува збор за странство.
„Тие веќе играат на највисоко можно ниво и немаат некоја посебна потреба да одат во клуб кој, на пример, се бори за опстанок во Франција.“
Тоа, сепак, не значи дека странските трансфери ќе запрат. Јокиќ потврдува дека има интерес за македонски ракометари и очекува дел од помладите да се обидат надвор од земјата.
„Сигурно ќе има македонски играчи кои ќе заминат. Гледам дека и помладите се прилично мотивирани да одат во странство, да се пробаат и да видат како ќе се снајдат.“
Македонската лига денес има многу поголема конкуренција, а Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид создаваат пазар во кој домашниот играч има повеќе опции отколку пред неколку години.
Целиот разговор со Милан Јокиќ можете да го прочитате на следниот линк:
Јокиќ отворeно за сè: Плати, трансфери, сопруги и кој ќе биде шампион на Македонија
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























