Искусниот ракометен менаџер Братислав Илиќ верува дека македонскиот ракометен пазар продолжува да расте. Според него, странските играчи сè повеќе сакаат да дојдат во Македонија, Вардар останува големо име во Европа, а домашниот ракомет има играчи со потенцијал за силни странски клубови.
Братислав Илиќ е еден од најискусните ракометни менаџери во Европа. Во оваа работа е повеќе од три децении, а во неговата кариера учествувал во реализација на голем број трансфери, меѓу кои и многу поврзани со македонските клубови.
Илиќ во разговорот за 24Ракомет зборуваше за промените на трансферниот пазар, новите генерации играчи, необичните барања, улогата на родителите и партнерките, но и за иднината на македонскиот ракомет.
Најсилната порака ја испрати токму за Македонија. Тој вели дека уште пред неколку години прогнозирал дека македонскиот ракомет ќе продолжи да расте, додека дел од големите европски пазари ќе почнат да ја губат својата предност.
Илиќ денес се смета за еден од најстарите активни ракометни менаџери во светот. Неофицијално почнал да се занимава со оваа работа во 1995 година, а четири години подоцна ја отворил својата спортска агенција.
Во меѓувреме, професијата целосно се променила.
„Порано сето тоа се работеше на пријателска основа, без провизии и без класични договори. Така почнав и јас. Потоа дојдоа големите трансфери, славата и парите. Кај мене лично односот кон работата не се промени, но денес има многу нови луѓе кои внесуваат забуна во професијата“, вели Илиќ.
Тој забележува дека денес речиси секој може да се претстави како менаџер, иако нема доволно искуство или познавање на ракометот.
„До пладне некој се занимава со една сосема друга работа, а попладне станува ракометен агент. Токму затоа ја создадовме Европската асоцијација на ракометни агенти, за да се обидеме да воведеме некаков ред. Можеби сè уште не сме ја завршиле работата, но мислам дека се движиме во вистинската насока.“
„Порано беше доволен зборот, денес сè е покомплицирано“
Во минатото, според Илиќ, многу трансфери се договарале врз основа на доверба. Денес договорите се подетални, играчите имаат повеќе барања, а околу нив има многу повеќе луѓе кои сакаат да влијаат врз одлуките.
„До пред десетина години многу работи ги завршував на збор. Денес е многу покомплицирано. Новите генерации се поинакви, а често недостига и основно познавање на ракометот и неговата историја.“
Илиќ има и свое правило кога почнува соработка со млад играч.
„Кај мене млад играч не може да дојде ако не знае кој е Веселин Вујовиќ. Ако не знае кои биле олимписките шампиони од времето на Југославија, има еден месец да научи. Историјата на ракометот е основа. Не можете да учите алгебра ако претходно не сте ја научиле таблицата за множење.“
„Јас сум ментор, а не само менаџер“
Илиќ не сака на својата работа да гледа само како на посредување меѓу играчот и клубот. Посебно кога станува збор за млади ракометари, тој смета дека менаџерот мора да има многу поширока улога.
„Јас себеси првенствено се сметам за ментор, а не за менаџер. Сакам да работам со млади играчи, а образованието и насочувањето мора да постојат.“
Според него, менаџер во класична смисла станува дури кога играчот ќе созрее и кога двајцата заедно ќе поминат низ повеќе фази од кариерата.
„Јас сум менаџер на играчот кога тој ќе дојде до 25 години, ако претходно сме ја граделе кариерата чекор по чекор и ако ги почитувал советите. Зборот менаџер понекогаш ми звучи премногу грубо. Повеќе сакам да бидам човек што го насочува играчот.“
„Тврдам и потпишувам – Македонија е пазарот што расте“
На прашањето која земја во иднина може дополнително да напредува и да стане уште поважен дел од европскиот ракометен пазар, Илиќ немаше дилема.
„Јас тоа го зборувам веќе седум години и сите ми се смееја. Тврдам и потпишувам – Македонија.“
Како главна причина го наведува растот на професионализмот, популарноста на ракометот и вложувањата што во изминатите децении биле направени во македонските клубови.
„Македонија можеби квантитативно не може да се спореди со Германија, но квалитативно расте. Професионализмот многу се подигна во последните седум или осум години. Морам да го издвојам Михајло Михајловски, човек кој вложи огромни средства не само во Вардар, туку и во македонскиот ракомет.“
Илиќ открива дека својата прогноза одамна му ја кажал и на Кирил Лазаров.
„Пред седум години му реков на Кире Лазаров дека Македонија за пет години ќе биде пандан на Германија. Причината е едноставна – сметам дека Германија квалитативно паѓа, а Македонија квалитативно расте.“
„Во Македонија ракометот е спорт број еден“
Искусниот менаџер долго време го следи македонскиот ракомет. Неговите први врски со македонските клубови датираат уште од времето на поранешна Југославија.
„Не знам како точно се случи тоа, но во Македонија ракометот стана спорт број еден. Јас го следам македонскиот ракомет уште од 1988 година, кога Вардар и Дубочица играа бараж за влез во најсилната лига.“
Освен Македонија, тој потенцијал за раст гледа и во Романија, Грција, Русија и Чешка. Сепак, Македонија ја става пред сите нив кога станува збор за квалитетот и интересот за ракометот.
„Потоа доаѓа Романија, а според тоа како се движат работите, и Грција со својата млада генерација. Русија планира повторно посериозно да го отвори својот пазар, а и Чешка се обидува навреме да го направи следниот чекор.“
„Порано беше тешко да убедиш странец да дојде во Македонија“
Илиќ во минатото реализирал повеќе трансфери поврзани со македонските клубови. Се присети на времето кога било многу потешко квалитетен европски играч да се убеди да дојде во Македонија.
„Кога го доведов Јан Собол, кој претходно играше и во Монпелје, беше навистина тешко. Во Македонија доаѓаа Руси, Белоруси и Украинци, но беше тешко да се пробие мразот и да се донесе играч од силен западноевропски клуб.“
Како важен пример го посочи трансферот на Тилен Стрмљан во Охрид.
„Мислам дека имав значајна улога во ова што денес го гледаме во Охрид, со доаѓањето на Стрмљан. Имаше големи дилеми како од Германија да дојде во Македонија. Многу се вложивме во тој трансфер, а денес тој е презадоволен.“
Според Илиќ, доброто искуство на еден странец е најдобра реклама за целата лига.
„Кога таквата приказна ќе се прошири меѓу играчите, тогаш сите почнуваат да сакаат да дојдат во Македонија.“
„Странските играчи сè повеќе ќе се борат да дојдат во Македонија“
Иако периодот на најголемите вложувања во Вардар изгледа тешко повторлив, Илиќ верува дека Македонија и понатаму има потенцијал да привлекува квалитетни странски ракометари.
„Вие во Македонија работите одлично. Имате и многу добри младински селекции и мислам дека во иднина ќе има сè поголема борба меѓу странските играчи за да дојдат овде.“
Во моментов гледа четири клубови со потенцијал да го носат развојот на лигата, а очекува во иднина да се појави и петти.
„Се чека уште еден клуб. Има одредени најави дека тоа во иднина би можел да биде Прилеп. Но и четири силни клуба се доволна основа за сериозен развој во следните години.“
„Марко Митев има потенцијал“
Запрашан кои македонски играчи би можеле да направат чекор напред во кариерата, Илиќ издвои неколку имиња.
„Марко Митев, сигурно. Тука се и Мартин Ивановски, Ненад Костески, како и неколку млади голмани. Васил Гогов е многу перспективен и драго ми е што се бори за своето место. Можеби е малку незабележан или занемарен, но напредува со својата работа.“
Илиќ смета дека Македонија има играчи со потенцијал, но дека за нивниот развој ќе биде пресудно да добијат вистинска минутажа и да го изберат вистинскиот следен клуб.
„Најлесно се преговара со Словенците, најтешко со Вардар“
Иако има добри односи со македонските клубови, Илиќ признава дека дел од преговорите знаеле да бидат тешки.
„Немам проблеми со македонските клубови. Имам свој начин на работа, сакам да се шегувам и да зборувам директно. Кај мене преговорите траат пет минути, не подолго.“
Најлесно, според неговото искуство, се преговара со клубовите од Словенија.
„Најлесно се преговара со Словенците. Тие долго време функционираат на професионален начин и имаат традиција уште од времето на поранешна Југославија.“
На спротивната страна го стави Вардар, односно Михајло Михајловски.
„Најтешко беше да се преговара со Вардар и со Михајло. Но Михајло е авангарда. Тој ја знае вредноста. Ако те прифати и ако стекне доверба во тебе, тогаш повеќе никогаш немаш проблем. Некои работи ги договараш на почетокот и потоа веќе не мора да ги повторуваш.“
„Најдобриот играч речиси никогаш не се јавува, најслабиот се јавува секој ден“
По три децении работа, Илиќ јасно ја гледа разликата меѓу професионалците и играчите кои постојано бараат оправдувања.
„Најдобриот играч речиси никогаш не се јавува. Најслабиот, оној што постојано бара алиби, се јавува секој ден и ве оптоварува со непотребни прашања.“
Како пример го наведе играчот кој се пожалил затоа што платата доцнела само еден ден, иако во договорот постоел рок во кој клубот може да ја изврши исплатата.
„Очекувањата се преголеми, а кај дел од родителите има и болна амбиција. Многу играчи се алчни и брзо преминуваат од еден агент кај друг, па кај трет.“
Сепак, Илиќ има и играчи кои долго време му останале лојални.
„Никола Митревски, Сандро Мештриќ и Лука Стојановиќ се дел од играчите со кои сум имал долга и лојална соработка.“
„Голем дел од трансферите ги договарам со сопругите и девојките“
Една од најинтересните приказни во разговорот беше за влијанието што партнерките го имаат врз одлуката на играчот.
„Ќе ви кажам нешто на кое можеби ќе се смеете. Голем дел од трансферите практично ги договарам со девојките или сопругите на играчите.“
Се присети на трансфер од Карвина во Спортинг, за кој два месеци безуспешно го убедувал играчот.
„Додека разговарав со него, постојано слушав некој да му суфлира во заднина. Го прашав кој зборува, а тој ми кажа дека е неговата сопруга. Му реков да ми ја даде на телефон и за три минути се договоривме.“
Пресудна била една едноставна реченица.
„Ѝ кажав дека Лисабон е најсончевата метропола во Европа. Со тоа трансферот беше завршен.“
„Најголемите трансфери се завршуваат за 24 часа“
Иако јавноста очекува дека големите и скапи трансфери бараат најдолги преговори, Илиќ тврди дека реалноста често е сосема поинаква.
„Големите трансфери се завршуваа за 24 часа. Најголемите трансфери се најлесната работа.“
Многу покомплицирани се трансферите на младите или помалку познатите играчи.
„Кај малите трансфери има многу повеќе прашања. Се бараат лекарски прегледи, анализи и практично се проверува сè. Најголемите и најскапите трансфери понекогаш се завршуваат со три реченици.“
За Илиќ, тоа е поврзано и со карактерот и професионализмот на играчот.
„Колку е подобар играчот, толку помалку ви досадува. Тој ги знае своите обврски. Интелектот има огромно влијание врз кариерата.“
Големо име и натаму е блиску до македонски клуб
На крајот од разговорот, Илиќ беше прашан дали некое големо европско име било блиску до потпис со македонски клуб, а јавноста никогаш не дознала за тоа.
Одговорот беше потврден, но без откривање на името.
„Имаше таков играч. Не можам да го откријам името бидејќи работата сè уште е актуелна и постои можност тој да дојде.“
Со тоа Илиќ остави отворена можноста македонскиот ракометен пазар наскоро повторно да донесе познато европско име.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























