ОХРИД 2026: Војводина го изнамачи Загреб – Хрватите едвај до победа

Ракометарите на Загреб стартуваа победнички на јубилејното издание на турнирот „Крсте Андоновски“, откако ја совладаа Војводина со 24-21.

На почетокот Загреб се одлепи на 3-0 и помислија можеби момците на Хрвоје Хорват дека ќе биде лесен меч, но не беше така, иако хрватскиот првак имаше контрола, барем во првиот дел.

На паузата беше 12-10, Загреб отиде одново на плус три преку Карачиќ, но српскиот вицепрвак не мислеше да се откаже од бркање на негативата, иако пред себе имаше одбрана составена од Мамиќ и Калараш.

Арсениќ беше одличен на голот на Војводина, фати неколку топки во серија и беше егал, 16-16. Но и голманот на Загреб, Кастелиц, му одбрани зицер на Предовиќ, па хрватскиот првак пак имаше плус два, 19-17, а во последните пет минути се влезе со 21-19.

Имаше составот од Нови Сад напад за минус еден, но згрешија избраниците на Милутин Лучиќ и немаше веќе назад.