Најдобриот суперлигашки стрелец од 2025 година се пресели во Битола!

Еурофарм Пелистер 2 продолжува со создавање тим што треба да биде спој на младост, квалитет и играчи со сериозен простор за развој. Ново име во составот на битолчани е Давид Димевски, ракометарот кој во 2025 година беше најдобар стрелец во Супер лигата. Тогаш постигна 237 гола.

Димевски доаѓа од Куманово, клуб во кој настапуваше последните сезони и каде се наметна како еден од најважните играчи. Иако станува збор за млад ракометар, зад себе веќе има сериозно суперлигашко искуство, лидерска улога во клубот и сезона во која го привлече вниманието со голгетерскиот ефект.

Во Куманово беше играч што носеше голем дел од нападот, а потврда за неговите настапи беше и признанието за МВП на шестото коло од суперлигашкиот плеј-оф/аут, кога како член на Куманово беше избран за најкорисен играч на колото во изборот на 24Ракомет.

Настапува на позицијата лев бек, но може подеднакво добро да покрие и на другите бековски позиции. Тој веќе има и меѓународно искуство преку настапите за младинските селекции на Македонија, а на Светското младинско првенство во 2025 година беше дел од составот како играч на Куманово.

Битолчани ова лето веќе донесоа неколку нови имиња, а во тимот се и Марин Крстевски, Кристијан Симоноски, Божидар Илиески, Марко Трајков и Александар Стојков. Димевски е дел од генерацијата македонски кадети и младинци која во изминатите години играше на европски и светски првенства и донесе неколку значајни резултати за македонскиот ракомет. Таа генерација беше предводена од Раде Стојановиќ и Бранислав Ангеловски, а во својот пат мина низ ЕХФ шампионатот во Рига, кадетско Светско првенство, младинско Европско првенство и младински Мундијал.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________