Македонија со комбинирана селекција на Медитеранските игри

Женската репрезентација на Македонија ќе биде дел од претстојното издание на Медитеранските игри што ќе се играат во италијанскиот град Таранто.

Со оглед на тоа што сега е подготвителен период, а клубовите немаат обврска да ги пуштат своите ракометарки за ова натпреварување, Македонија ќе настапи со комбиниран состав на кадетки и младинки предводени од Даниела Новеска.

Поради краткиот временски период за формирање на составот, селекцијата беше комплетирана во најбрз можен рок, со репрезентативки кои во овој период беа на располагање и слободни од клупските обврски.

Македонија ќе го започне својот настап на Медитеранските игри со дуелот против Грција на 22 август, а ќе игра уште против домаќинот Италија, Тунис и Алжир, а на 1 септември е дуелот за пласман.

Со оглед на лошиот термин на Медитеранските игри, ниту една од екс ју земјите немаат претставници на машкиот и женскиот турнир.