Кадетската репрезентација на Македонија ја оствари главната цел на Европското првенство - обезбеди пласман на кадетското СП 2027 и младинското ЕП 2028. Сега избраниците на Горан Кузманоски ќе разигруваат за пласман од 9 до 12 место, а прв ривал е Португалија.
Машката кадетска репрезентација на Македонија ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место на Европското првенство, откако ја оствари главната цел на шампионатот – обезбеди место на кадетското Светско првенство во 2027 година и на младинското Европско првенство во 2028 година.
По важната победа над Фарските Острови, избраниците на Горан Кузманоски сега без голем притисок ќе ги дочекаат последните два натпревари на турнирот. Првиот предизвик е утре од 12 часот против Португалија.
Ако Македонија слави, ќе игра за 9 место против победникот од дуелот меѓу Австрија и Израел. Во случај на пораз, нашите кадети ќе разигруваат за 11 позиција против поразениот од истиот натпревар.
Селекторот Горан Кузманоски по триумфот над Фарските Острови истакна дека Македонија одиграла зрел и квалитетен натпревар, особено ако се знае колку голем влог носеше таа средба.
„По еден неизвесен натпревар против Фарските Острови, кој беше исклучително важен за нас, пред сè во борбата за пласман од деветтото до дванаесеттото место, а со тоа и за обезбедување директен пласман на Светското првенство, можам да кажам дека одигравме одличен натпревар“, изјави Кузманоски.
Македонија во првиот дел одигра дисциплинирано и тактички зрело. Одбраната добро одговори на најсилното оружје на Фарските Острови, играта „седум на шест“, како и на ситуациите со бројчана предност.
„Во првото полувреме игравме многу колективно. Во одбраната бевме тактички одлично подготвени за нивната игра ‘седум на шест’, како и за ситуациите кога имаа бројчана предност ‘седум на пет’, што е нивното најсилно оружје. Одбраната функционираше одлично, а во нападот бевме трпеливи, знаевме што сакаме и во секој момент го контролиравме резултатот и текот на натпреварот“, додаде селекторот.
Во вториот дел Македонија имаше тежок период, особено по директниот црвен картон на Петар Николовски. Подоцна црвен картон доби и Стефан Ѓорѓиевски, но кадетите успеаја да останат стабилни во најважните моменти.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
„Во второто полувреме имавме мал пад во играта по директниот црвен картон на Петар Николовски. Сепак, во клучните моменти успеавме повторно да се вратиме, да создадеме предност од три гола и, иако добивме уште еден директен црвен картон, овој пат за Стефан Ѓорѓиевски, нашиот среден бек, на крајот заслужено стигнавме до победата“, истакна Кузманоски.
Селекторот посочи дека натпреварот бил тежок и поради големиот број исклучувања, но нагласи дека критериумот бил строг и на двете страни.
„Би сакал да истакнам дека на овој натпревар имаше многу исклучувања. Судиската двојка од Италија имаше доста строги критериуми и исклучувањата беа на двете страни, не само за Македонија. И Фарските Острови имаа голем број исклучувања. Но, на крајот покажавме карактер“, рече Кузманоски.
За Македонија ова беше шести натпревар во низа на шампионатот, но и покрај заморот, кадетите физички издржаа и стигнаа до победа што носи голема вредност за оваа генерација.
„Ова ни беше шести натпревар по ред, физички се држевме на високо ниво и заслужено извојувавме победа“, додаде македонскиот селектор.
Следен ривал е Португалија, селекција која за малку остана без четвртфинале. Кузманоски очекува тежок натпревар, но вели дека Македонија ќе влезе без притисок и со желба да направи уште еден исчекор.
„Сега нè очекува уште еден тежок натпревар против Португалија. Немаме многу време за подготовка, практично само уште половина ден. Играме против репрезентација која за нијанса остана без пласман во четвртфиналето. Станува збор за извонредна селекција, земја која континуирано вложува во развојот на младинските категории“, вели Кузманоски.
Македонија веќе ја оствари главната задача, но генерацијата има шанса турнирот да го заврши со уште подобар пласман и уште една силна победа.
„Немаме што да загубиме. Ќе излеземе на терен со желба за победа, како и на секој претходен натпревар. Верувам дека тоа би бил уште еден голем чекор напред за оваа репрезентација“, заврши селекторот.
Пласманот на следните големи натпреварувања е веќе обезбеден, но дуелот со Португалија е нова можност оваа генерација да потврди дека има потенцијал за уште поголеми резултати.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
























