Кузманоски: Победата ни беше важна за враќање на самодовербата

Македонските кадети убедливо ја совладаа Италија, 33-23 и ја запишаа првата победа на Европското првенство. Селекторот Горан Кузманоски е задоволен од карактерот, физичката подготвеност и тактичката дисциплина на своите избраници.

По трите тешки натпревари во групната фаза, кадетската репрезентација на Македонија конечно се израдува на победа на Европското првенство. Избраниците на Горан Кузманоски убедливо ја надиграа Италија, а селекторот истакна дека овој триумф е важен и за враќање на самодовербата во тимот.

„Ова беше многу важен натпревар за нас, пред сè за враќање на самодовербата. Првата цел беше да победиме, а потоа гледавме победата да биде со што поголема разлика. Зад нас беа три тешки натпревари во една силна група, но уште од самиот почеток знаевме што сакаме“, изјави Кузманоски по натпреварот.

Македонија во второто полувреме целосно ја презеде контролата и постепено ја зголемуваше предноста, која на крајот достигна десет гола.

„На полувремето имавме четири гола предност и се договоривме дека не смееме да застанеме, туку мора да продолжиме да ја зголемуваме разликата. На крајот стигнавме до плус десет, што може да биде многу важно во пресрет на резултатите од другите групи“, дополни селекторот.

Кузманоски беше задоволен од начинот на кој неговите ракометари му пристапија на натпреварот и нагласи дека Италија во ниту еден момент не била потценета.

„Задоволен сум од денешната игра и од карактерот што го покажавме. Физички стоевме добро, а и тактичкиот дел беше на високо ниво. Италија е репрезентација што заслужува почит и во ниту еден момент не смеевме да ја потцениме. Задоволен сум од пристапот и од начинот на кој ја остваривме победата“, заврши Кузманоски.

Македонија сега продолжува во борбата за што подобар пласман на Европското првенство, а следен предизвик за избраниците на Кузманоски ќе биде селекцијата на Турција.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 24 Rakomet (@24rakomet)

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________