Новото засилување на Еурофарм Пелистер, Алекса Колаковиќ, ги сподели првите впечатоци по пристигнувањето во Битола и порача дека верува во квалитетот на тимот и во борбата за шампионската титула во новата сезона.
Средниот бек, кој за првпат ќе настапува во македонската Супер лига, истакна дека е горд што ќе го носи дресот на клуб со богата историја, а како посебна привилегија ја издвои можноста да работи под водство на легендарниот Лино Червар.
„Многу сум среќен што дојдов во клуб и град со голема историја и традиција. Задоволство е да се работи со легенда како Лино Червар и со квалитетни соиграчи, какви што се моите во Еурофарм Пелистер. Битола е прекрасна, гледам дека сега има и многу туристи, а луѓето се пријатни и гостопримливи. Среќен сум што се наоѓам во ова место. Лично се познавам со Хенигман и Радивојевиќ, кои ми кажаа само убави работи за клубот и атмосферата што ја создаваат навивачите. Гледав неколку натпревари од Лигата на шампионите, но и домашните дуели со Вардар и Охрид. Станува збор за лига која напредува, сите клубови се засилуваат и голема ќе биде битката за титулата“, изјави Колаковиќ.
Еурофарм Пелистер веќе ги започна подготовките за новата сезона, во која покрај битката за шампионската титула во македонската Супер лига, ќе настапува и во Лигата на Европа.

























