Српски нокаут за Италија – еве кои 12 селекции одат во главната рунда на ЕП

Со натпреварите од третото коло заврши прелиминарната рунда на Европското првенство за кадети, кое се одржува во Белград. Од вкупно 24 репрезентации, само 12 остануваат во трката за шампионската титула, додека останатите ќе играат во разигрувањето за пласман.

Најголемото изненадување е елиминацијата на актуелниот европски шампион Шведска, кој не успеа да обезбеди место во главната рунда. Швеѓаните забележаа само една победа, против нашата селекција (33:29), што не беше доволно за продолжување на борбата за медалите.

Словенија ја освои првата позиција во групата А со максимални три победи, откако во директниот дуел ја совлада Франција со 34:30. Французите, и покрај поразот, обезбедија пласман во главната рунда благодарение на претходните победи над Шведска и Македонија.

Во групата Б, Германија го освои првото место со две победи и едно реми против домаќинот Србија (27:27), додека Србите како второпласирани продолжуваат понатаму, по високиот триумф над Италија со 32:18, иако губеа со 8:2, а потоа и 12:11 на паузата.

Хрватска и Португалија обезбедија место во главната рунда од групата Ц, а Хрватите го освоија првото место благодарение на победата од 26:24 во меѓусебниот дуел. Чешка и Израел одат во разигрувањето за пласман.

Исланд ја оправда фаворитската улога во групата Д со максимален ефект, додека Унгарија се пласираше како второпласирана. Швајцарија и Црна Гора ќе продолжат во битките за 13 до 24 место.

Данска беше убедлива во групата Е и со три сигурни победи го потврди статусот на еден од главните фаворити за титулата. Полска, и покрај поразот од Данците, исто така избори место во главната рунда.

Шпанија без пораз ја заврши групната фаза во групата Ф, а Фарските Острови како второпласирани ја продолжуваат успешната приказна на шампионатот.

Во главната рунда ќе играат:

Група 1: Словенија, Франција, Германија и Србија.
Група 2: Хрватска, Португалија, Исланд и Унгарија.
Група 3: Данска, Полска, Шпанија и Фарски Острови.

Македонската кадетска репрезентација, по поразите од Франција, Словенија и Шведска, ќе настапи во разигрувањето за пласман од 13 до 24 место, но остануваат шансите потоа да се приклучи и во разигрувањето од 9 до 16 место.