ДАЛИ Е МОЖНО? Постигнаа 100 гола на еден натпревар од СП – срушени три рекорди!

Женската кадетска репрезентација на Египет испиша историја на Светското првенство во Романија, откако ја декласира селекцијата на Фиџи со неверојатни 83:17 и постави неколку нови рекорди на шампионатот.

Египќанките уште пред овој натпревар го обезбедија пласманот во главната рунда и двата бода што ги пренесуваат понатаму, па селекторот имаше можност да ротира голем дел од составот. Сепак, тоа воопшто не се одрази на нивната игра, бидејќи уште од почетокот целосно доминираа на теренот.

По водството од 4:0, Фиџи го постигна својот најбрз гол досега на Светските првенства, но Египет продолжи со немилосрдна игра и веќе во 15. минута имаше предност од 24:4.

Со дури 43 постигнати гола во првото полувреме, Египет постави нов рекорд за најмногу голови постигнати во едно полувреме на Светско првенство за кадетки.

Во вториот дел африканската селекција не го намали темпото. Со агресивната одбрана принуди дури 70 загубени топки кај противникот и постојано реализираше лесни голови од контранапади.

На крајот Египет славеше со 83:17, со што постави уште два рекорди – најмногу постигнати голови од една репрезентација на натпревар (83) и најубедлива победа во историјата на шампионатот (+66 голови). Дополнително, вкупните 100 голови на натпреварот претставуваат нов рекорд на Светските првенства за кадетки.

Одличен настап имаше Јасмин Фараг, која беше најефикасна кај Египет со осум погодоци, а сите 13 играчи во поле се запишаа меѓу стрелците. Фиџи, и покрај убедливиот пораз, со 17 постигнати гола го оствари својот најдобар офанзивен учинок на турнирот, откако претходно загуби од Хрватска со 67-4 и од Франција со 55-2.