Мехмедовиќ: Македонската лига е најсилна на Балканот!

Едно од новите засилувања за Еурофарм Пелистер, Омер Мехмедовиќ, со голем ентузијазам ги започна подготовките со битолскиот клуб и верува дека новата сезона ќе донесе многу успеси за него и соиграчите.

Средниот бек, кој е едно од летните засилувања на тимот на Лино Червар, истакна дека е воодушевен од приемот во клубот, условите за работа и атмосферата во Битола.

„Првите впечатоци се навистина прекрасни. Градот Битола е преубав и многу жив, има многу луѓе. Условите во клубот се фантастични, работиме добро и се воигруваме со новите играчи. Имаме нов состав, домашните играчи убаво не примија и се чувствувам одлично. Го следев и порано Еурофарм Пелистер, тим што игра на најголемата сцена. Навистина сум одушевен што сум тука и очекувам одлично да се вклопам во колективот. Македонската Супер лига многу напредуваше, мислам дека стигна до нивото да биде најсилно првенство на Балканот. Очекувам да се бориме до крај за сите големи успеси, се надевам дека ќе имаме одлична сезона“, изјави Мехмедовиќ.

Еурофарм Пелистер се наоѓа во екот на подготовките за новата сезона, во која ќе атакува на трофеите во домашните натпреварувања, а ќе има високи амбиции и во Европската лига на ЕХФ.

Средниот бек Мехмедовиќ се очекува да биде важен адут во составот на искусниот стратег Лино Червар.