Кадетите запишаа втор пораз на ЕП

Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби од Франција со 36-25 на вториот натпревар од Европското првенство што се игра во Србија. Овој пораз значи практично крај на надежите за место во главната рунда, иако допрва треба да играат Шведска и Словенија, а потоа ќе останатн и средбите од третото коло.

По играта гол за гол на стартот до 4-4, Франција се одлепи на три гола предност по десетина минути игра, 7-4, но со неколку одбрани на Николовски, набрзина се стопи негативата и беше егал, 9-9.

Имавме две прилики за водство, но не беа искористени, па следуваше казна на спротивната страна за 12-9. Дамчевски погоди од далечина за минус два, но оттогаш „колата тргна надолу“.

Нападот снема идеја, противниците лесно ги погодуваа своите напади, до паузата беше 20-13, иако Франција промаши пенал за повисока предност на одмор. Второто полувреме формално одработување на задачата, а Македонија немаше сили за камбек во мечот.

Шанса добија повеќето ракометари за игра, а меѓу најдобрите стрелци беа Бобан Поповски со шест, Лука Јовиќ со пет и Горазд Дамчевски со четири погодоци. Утре е слободен ден на првенството, а Македонија на 1 август ќе се соочи со селекцијата на Шведска, која денеска ја очекува пресметка со Словенија.