Откако Унгарија ја освои титулата на Европското првенство за ракометари до 20 години во Романија, вниманието сега се насочува кон Белград, каде од денеска започнува Европското првенство за кадети.
На шампионатот ќе настапат 24 репрезентации, што е само вторпат во историјата EП да се игра со толкав број учесници. Натпреварите ќе се играат од 29 јули до 9 август во три сали во српската престолнина – „Александар Николиќ“ (Пионир) „Бранислав Покрајац“ (Бањица) и „Шумице“.
Ова ќе биде 18. издание на Европското првенство за кадети, а во првата фаза репрезентациите се поделени во шест групи со по четири селекции. Двете најдобропласирани од секоја група ќе обезбедат место во главната рунда, додека останатите разигруваат за пласман.
Група А: Македонија, Франција, Словенија, Шведска
Македонската кадетска репрезентација ќе игра во групата А, која важи за една од најсилните на турнирот. Ривали на избраниците на Горан Кузманоски ќе бидат актуелниот европски шампион Шведска, двократниот шампион Франција и традиционално силната Словенија.
Шведска ќе ја брани титулата освоена пред две години во Црна Гора, кога по продолженија ја совлада Данска во големото финале и стигна до третата европска титула во оваа возрасна категорија.
Франција, која има две европски титули, ќе се обиде да се врати во самиот врв по скромното 12. место на претходното првенство, додека Словенија, трикратен полуфиналист, ќе сака да го подобри деветтото место од 2024 година.
Македонија, која на претходниот шампионат заврши на 19. позиција, ќе се обиде да направи значителен исчекор и да изненади некој од фаворитите во групата.
12:00 Словенија – Македонија
17:00 Шведска – Франција
Група Б: Германија, Србија, Италија, Турција
Домаќинот Србија ќе се надева дека домашниот терен ќе биде предност, исто како во 2004 година кога ја освои единствената титула во оваа конкуренција (тогаш како Србија и Црна Гора). Најголем конкурент ќе биде трикратниот шампион Германија.
14:30 Германија – Италија
19:45 Србија – Турција
Група Ц: Португалија, Хрватска, Чешка, Израел
Хрватска ќе се обиде повторно да стигне до полуфиналето по пауза од две првенства, додека Португалија ќе атакува на враќање меѓу најдобрите по неколку послаби изданија.
12:00 Хрватска – Израел
17:00 Португалија – Чешка
Група Д: Унгарија, Исланд, Швајцарија, Црна Гора
По успехот на младинската селекција, Унгарија ќе се обиде да ја продолжи златната година и кај кадетите. Во групата повторно ќе се сретне со Исланд, кого го победи по продолженија во борбата за бронзата на претходното Европско првенство.
14:30 Исланд – Црна Гора
19:30 Унгарија – Швајцарија
Група Е: Данска, Норвешка, Словачка, Полска
Данска, која има четири сребрени медали, повторно ќе се обиде конечно да ја освои првата европска титула во оваа возрасна категорија.
12:00 Норвешка – Полска
17:00 Данска – Словачка
Група Ф: Шпанија, Фарски Острови, Австрија, Финска
Шпанија ќе се обиде да се врати на европскиот трон, додека Фарските Острови повторно ќе бидат една од најинтересните селекции по одличните настапи на претходните шампионати.
14:30 Фарски Острови – Финска
19:30 Шпанија – Австрија
Македонската репрезентација денеска го отвора настапот на Европското првенство со дуел против Словенија, а потоа ќе следуваат пресметките против Шведска и Франција. Победата на стартот би можела да биде клучен чекор во борбата за место во главната рунда.
























