„Оваа генерација многу ветува“ – Кузманоски најави борба за секоја топка

Maшката кадетска репрезентација е во Србија, каде од утре ќе го започне настапот на Европското првенство, прво големо натпреварување за оваа генерација.

Селекторот Горан Кузманоски е свесен за предизвикот што ги очекува во Белград и двобоите со Словенија, Шведска и Франција, но верувам дека може да изненадиме некој од ривалите.

„Без разлика што сме во најтешката група, можам да ветам дека ќе се прикажеме во најдобро светло и ќе дадеме 100% од својот квалитет. Подетално ги анализиравме сите ривали. Словенија, без разлика што победуваше големи репрезентации во пријателските натпревари, ние нема да се предадеме, најважно е што дојдовме здрави на ЕП. Мотивирани сме, ова ќе биде прво ЕП за оваа генерација ракометари, а ќе биде големо искуство за понатамошните циклуси на оваа репрезентација. Се надевам ќе имаме континуитет на големи натпреварувања. Со голема борба, сакам да изненадиме некоја од трите селекции што ги имаме за ривали. Оптимист сум, но мора да одиме чекор по чекор“, вели селекторот.

Од ова ЕП се обезбедува пласман на кадетското СП наредната година. Македонија ќе биде домаќин на кадетското ЕП во 2028, па без разлика на резултатот во Србија, таму е веќе квалификувана.

„Со добар пласман овде се оди на СП. Најважен е континуитет, бидејќи оваа генерација многу ветува, очекувањата се високи, откако претходно имавме успешни настапи на Медитеранското првенство и на СП во училишен ракомет. Амбициите ни се да избориме настап на Мундијалот наредната година и со тоа да расте оваа репрезентација, а најважно за македонскиот ракомет е да извадиме сениорски репрезентативци за во иднина. Овие деца се поискусни за една година, почнавме лани на Олимписките игри за млади во Скопје, собиравме потоа искуство на квалификациите, на следните турнири и се надевам дека ќе се преставиме во најдобро светло. Јас откако сум селектор на овие ракометари, им кажувам на момците дека секоја топка е важна, дисциплината е број еден, само со неа може да се добие нешто, а на вакви натпреварувања немате многу право на грешки“, заврши Кузманоски.

Maкедонија е во група со Шведска, Словенија и Франција, а првата пресметка на ЕП ќе биде против Словенците утре во салата „Бранислав Покрајац“ од 12:00 часот.

 

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________