Македонскиот шампион Вардар со големи амбиции ги започнува подготовките за новата сезона, а еден од носителите на играта Милан Лазаревски порача дека клубот никогаш не се откажува од највисоките цели, без разлика на предизвиците што ги носи конкуренцијата.
Лазаревски истакна дека токму поставувањето високи цели е двигател за напредокот на тимот и изрази уверување дека засилениот состав ќе биде конкурентен и на домашната, и на европската сцена.
„Вардар секогаш цели на највисоко, иако некогаш делува дека тие цели се над нашиот капацитет. Единствениот начин да стануваме подобри и да напредуваме е да имаме високи цели. Очекувам одлична сезона, затоа што екипата е подновена и добивме квалитетни ракометари. Сигурен сум во изборот на стручниот штаб кој го составуваше тимот и верувам дека ќе одговориме на предизвикот и ќе се покажеме добро и во Лигата на шампионите“, изјави Лазаревски.
Тој нагласи дека силната атмосфера во соблекувалната е една од најголемите предности на „црвено-црните“ и додаде дека поискусните играчи активно им помагаат на новите што побрзо да се вклопат.
„Братството и единството кое владее во Вардар, како и кохезијата меѓу играчите, се клучен фактор за постигнување успеси и нашето најсилно оружје. Продолжуваме со истата традиција и во иднина, а ние што имаме поголем стаж во Вардар секогаш им стоиме на располагање на новите играчи“, додаде македонскиот репрезентативец.
Лазаревски се осврна и на домашните натпревари во претстојната сезона, откривајќи дека поголемиот дел од средбите во првенството ќе се играат во салата „Расадник“, додека најголемите дерби пресметки и натпреварите од Лигата на шампионите ќе бидат во СЦ „Јане Сандански“.
„Салата ‘Расадник’ ќе биде наш тренинг-центар и таму ќе го играме поголемиот дел од домашното првенство, додека дерби натпреварите и европските дуели ќе се играат во ‘Јане Сандански’, бидејќи интересот на скопската публика е голем“, порача Лазаревски.
Вардарци ќе тренираат во Скопје и Маврово, а потоа ќе настапат на турнирите во Струга и Охрид, пред стартот на Регионалната лига и дуелот од Супер Купот.

























