Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Димитар Узунчев, ги започна подготовките со словенечкиот шампион Целје, каде што ќе ја продолжи кариерата oд оваа сезона.
Талентираниот десен бек, кој во изминатите две сезони беше еден од носителите на играта на Бутел Скопје, со трансферот во Целје го направи првиот интернационален чекор.
Словенечкиот гигант денеска го одржа првиот тренинг во пресрет на новата сезона, а меѓу ракометарите што излегоа на теренот беше и македонскиот интернационалец. Узунчев во новиот клуб ќе настапува со дресот број 10.
Целје во новата сезона, покрај домашните натпреварувања, ќе биде дел и од Лигата на шампионите. Клубот доби вајлд-карта за настап во елитното европско натпреварување, откако минатата сезона беше елиминиран од Охрид во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп.
Во групната фаза од Лигата на шампионите, Целје ќе ги одмери силите со Загреб, Алборг и ПСЖ, а Узунчев ќе има можност да дебитира на најголемата европска клупска сцена.

























