Екипата на Куманово продолжува активно да го гради ростерот за новата сезона во македонската Супер лига. По обезбедениот опстанок, клубот започна со засилувања на позициите што останаа испразнети по заминувањето на неколку ракометари.
По ангажманот на Наум Костов, Филип Мечкароски, Марко Трајковски, како и средниот бек од Египет, Хамза Мамду Солиман, кумановци пикираа ново име, дознава 24Ракомет.
Станува збор за 20-годишниот десен бек Бојан Гичев, кој по две сезони во Еурофарм Пелистер 2, ќе има нов предизвик во кариерата. Гичев потекнува од Овче Поле и таму беше меѓу најдобрите стрелци, кога со тимот од Свети Николе играше во прволигашката конкуренција.
Куманово остана без Давид Димевски, Тоше Ончев, Борјан Цековски, Мартин Иванов и Александар Стојков, но раководството го засилува ростерот пред стартот на новата сезона во која очекува да има важна улога во Супер лигата.
























