Ракометарите на Охрид ги започнаа подготовките за новата сезона под водство на Борис Ројевиќ и со реновиран ростер.
Од клубот заминаа Моралес, Пилиповиќ, Јасухира, Јотиќ, Прибетиќ…но дојдоа засилувања од типот на Кеита, Карапалевски, Ивановски, Славиќ, Мате, Талески, Јошида и Зечевиќ, па охриѓани и натаму ќе имаат силен состав.
Тренерот Ројевиќ ги сподели очекувањата од претсезонскиот период и од сезоната во која Охрид ќе биде активен на четири фронта.
„Среќни сме што повторно сме на собир. Амбициите се како и минатата сезона – да дадеме максимум на секој тренинг, на секој меч. Се променија доста играчи, многу од носителите на играта заминаа и тоа што беше многу тешко за нас е заминувањето на Моралес, можеби еден од клучните играчи во оваа екипа. Сепак тоа покажа колку Охрид е квалитетна екипа за да еден играч замине во екипа од Лигата на шампионите која оваа сезона се бори за пласман на Ф4. Сите му посакавме многу среќа и успех таму. Што се однесува до сите овие момци, добивме многу квалитетни имиња и одиме силно на четири фронта оваа година, имаме Регионална лига, домашно првенство, Куп и Европски куп. Почнуваме со два турнири, во Струга и Охрид, потоа веднаш почнува Регионалната лига. Можеби распоредот е малку незгоден бидејќи гостуваме кај Будва и Динамо Панчево, а потоа следи Супер купот против Вардар и сето тоа во рок од седум дена, па го имаме и Еурофарм Пелистер. Распоредот баш и не ни оди од рака, но пак ќе кажам одиме на она нашето, од натпревар за натпревар, да дадеме максимум на секој тренинг и на секој меч за овој клуб и за овој град, па ќе видиме за колку ќе биде тоа доволно“, изјави Ројевиќ за „Ohrid News“.
Охриѓани ќе тренираат на домашно тло до турнирите во Струга и Охрид, а потоа во зарзано темпо ќе се играат дуелите од Регионалната лига пред стартот на сезоната и дуелот од Супер Купот против Вардар.

























