Македонскиот пивотмен Матеј Тричковски и во следната сезона ќе настапува во Шпанија, откако договори соработка со екипата на Логистика Гриљо БМ Агилас.
По една сезона мината во Елче, 22-годишниот Тричковски реши да ја промени средината, но ќе остане во Примера Национал, третата по ранг шпанска конкуренција. Неговиот нов клуб е од градот Агилас, во регионот Мурсија, а во претходната сезона заврши на седмата позиција во групата Е.
Македонскиот ракометар зад себе има одлична индивидуална сезона. Во дресот на Елче настапи на сите 30 натпревари и постигна 137 погодоци, односно во просек по 4,57 гола на еден натпревар.
Интересно е што Елче и Агилас во минатата сезона беа ривали во истата група, па во новиот клуб добро ги познаваат квалитетите на македонскиот пивотмен. На дуелот одигран во февруари, Тричковски постигна четири гола против својата идна екипа.
Тричковски беше дел од „витамините“ од Автокоманда до 2023 година, со кои стигна до прволигашката титула и пласман во македонската елита. Потоа замина на студии во Словенија, каде што настапуваше за Копер и Јадран Козина.

Следна станица во неговата интернационална кариера беше португалскиот клуб Вела де Тавира, а минатото лето се пресели во Елче. Тричковски своевремено беше и на поширокиот список на младинската репрезентација на Македонија.
Агилас во сезоната 2026/27 повторно ќе се натпреварува во групата Е од Примера Национал, а ангажманот на Тричковски треба да донесе дополнителна цврстина во одбраната и поефикасен напад.
























