Мемиќ: Убеден сум дека можеме до висок пласман во Супер лигата

Еурофарм Пелистер 2 започна ново поглавје со ангажманот на Бранислав Ангеловски на клупата, а негов соработник ќе биде Фарук Мемиќ.

Мемиќ покрај улогата во вториот тим на сениорите, ќе биде и координатор на сите младински екипи на битолчани, а тој ги сподели очекувањата пред стартот на новата сезона.

„Посакувам успешна сезона и остварување на нашите цели во оваа сезона, тоа е што повисок пласман во Супер лигата. Особено сум горд на фактот што дури 15 играчи, од вкупно 20 што се на располагање во моментот се од младинските школи, сум им бил лично јас тренер, освен на новајлиите на 4-5, на кои што не сум им бил, дури со еден играч заедно сме играле, тоа е Стефан Дрогришки. Јас верувам во оваа екипа и како колектив сите заедно сме убедени дека можеме да го достигнеме максимумот, што поголем пласман во Супер лигата“, вели Мемиќ.

Битолчани ќе се подготвуваат на домашен терен, а ќе настапат на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ од 20 до 23 август во Прилеп.