Тимот што важи, односно важеше за „македонски“ проект, од летово има тројца нови странци кои претходно беа на радарот на Кирил Лазаров. „Синиот-белиот“ дрес од Автокоманда од ова лето ќе го облечат двајца Словенци и еден Црногорец.
Станува збор за искусното трио – Нејц Цехте, Матиц Сухолежник и Вуко Борозан, од претходно таму се Урош Борзаш и Улфи Пал Тордарсон, па бројката на странците се искачи на петмина. Додека од Автокоманда ги критикуваа екипите од водечкото трио во Македонија – Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид за носењето на странски ракометари, сега почнаа да го следат да го следат нивниот пат. Дали и како нивниот ангажман ќе влијае на македонските репрезентативци кои играат во Автокоманда и кои ги очекува настап на СП 2027 во Германија, ќе дознаеме веќе во јануари.
Во Автокоманда сметаат дека Цехте е подобар од Мартин Серафимов, Борозан од Мартин Ивановски, а Сухолежник од Никола Маркоски и Кристијан Симоноски, а дали е така, ќе покажат резултатите на домашната и меѓународна сцена.
Требаше да има и уште еден странец ова лето – голманот Клемен Ферлин, а тоа ќе значеше уште помала минутажа за Иван Галевски, Марко Кизиќ и Ѓорѓи Николовски, но за среќа тој ја одбра понудата од Слован Љубљана, па во Автокоманда ќе имаат чисто македонско голманско трио.
Цехте доаѓа со искуство од Бундес лигата од Хановер и Фуксе Берлин, играше две и пол сезони и за Еурофарм Пелистер, додека Борозан беше дел од Металург, Вардар и Охрид, па и за него за играњето во македонската Супер лига нема да му треба адаптација. Сухолежник доаѓа од Слован Љубљана, а претходно играше за Загреб, Бенфика, Целје…
Со оглед на надолната линија на клубот од Автокоманда – 2 место 2024, 3 место 2025, 4 место 2026 во Супер лигата, јасно беше дека стратегијата требаше да се менувa, па се посегна кон странски опции. Клубот како по обичај, смета дека должината на договорите со новите засилувања, на треба да биде детал кој јавноста треба да го знае.

























