Сите двојки на едно место – како мина првата ждрепка за ЕХФ Куп и Лигата на Европа

Со ждрепка во Виена беа одредени двојките за второто коло во женскиот ЕХФ Куп, првото коло во машкиот ЕХФ Куп, како и за второто квалификациско коло во Лигата на Европа.

Кај дамите во ЕХФ Купот, во конкуренција од 54 екипи, дури 44 ќе го започнат својот настап токму од оваа фаза, бидејќи оваа сезона нема да се игра прво коло. Извлечени беа 22 двојки, а за првпат во историјата на натпреварувањето беше применето правилото за заштита на клубови од иста држава, со што беа избегнати меѓусебни пресметки на националните претставници уште на стартот.

Првите натпревари од оваа рунда ќе се одиграат на 3 и 4 октомври, додека реваншите се закажани за 10 и 11 октомври 2026 година. Победниците од 22 двобои ќе обезбедат пласман во третото коло, каде во ноември ќе им се приклучат уште 10 екипи кои имаат директен пласман во таа фаза од натпреварувањето.

Вардар е македонски претставник во второто коло, ќе се соочи со италијанскиот Бриксен, а Чаир ќе го чека ривалот во третата рунда.

Во машкиот ЕХФ Куп ќе учествуваат 83 екипи, а 38 од нив ќе го започнат својот европски настап уште во првото коло. Ждрепката ги одреди 19 двојки, кои ќе се борат за место во следната рунда. Македонски претставник во оваа фаза е Тиквеш, додека во второто коло ќе се приклучат Охрид, Бутел Скопје и тимот на Кирил Лазаров.

За првпат во историјата на машкиот Европски куп беше применето правилото за заштита на клубови од иста земја, што значи дека екипи од иста национална федерација не можеа да бидат извлечени една против друга во оваа фаза.

Првите натпревари од првото коло ќе се играат на 12 и 13 септември, додека реваншите се закажани за 19 и 20 септември 2026 година. Победниците од 19 двобои ќе обезбедат место во второто коло, каде во октомври ќе им се приклучат уште 45 екипи кои имаат директен пласман во таа фаза.

 

Во Лигата на Европа, во второто квалификациско коло ќе настапат 32 екипи, кои се директно пласирани во оваа фаза бидејќи нема прво квалификациско коло.

За разлика од Европскиот куп, не беше применето правилото за заштита на клубови од иста земја, па ждрепката донесе и едно национално дерби. Полските екипи Пјотрковија и Лублин ќе се соочат една против друга уште во оваа рана фаза од натпреварувањето.

Меѓу поинтересните двојки се издвојува дуелот на поранешниот трикратен европски шампион Виборг против грчки АЕК, додека поранешните шампиони на Европа, Хипо и Ларвик ќе играат против Савехоф, односно Ница.

Минатогодишниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, шпанскиот Атлетико Гвардес, ќе ги одмери силите со шведски Боден во борбата за место во следната рунда.

Првите натпревари од второто квалификациско коло ќе се одиграат на 3 и 4 октомври, а реваншите се закажани за 10 и 11 октомври 2026 година. Македонски претставник е Ѓорче Петров, кој ќе се соочи со чешкиот Бањик Мост.

Победниците од 16 двобои ќе обезбедат пласман во третото квалификациско коло во ноември, каде ќе им се приклучат уште осум екипи кои имаат директен пласман во таа фаза.

На крајот, 12 клуба ќе обезбедат место во групната фаза на Лигата на Европа, која започнува во јануари 2027 година, каде веќе се пласирани четири екипи, меѓу кои и актуелниот освојувач на трофејот, француски Дижон.