Моќна Шпанија, убедлива Црна Гора и сигурна Унгарија, јапонски нокаут за Норвешка

Вториот натпреварувачки ден на Светското првенство за младинки донесе нови убедливи победи за фаворитите, а изненадувањето на денот го приреди Јапонија, која славеше против Норвешка. Пред третото коло од групната фаза познати се 14 патници од 16 што ќе играат во главната рунда на Мундијалот во Кина – Србија, Австрија, Шпанија, Кореја, Црна Гора, Чешка, Унгарија, Полска, Франција, Германија, Романија, Данска, Кина и Јапонија, а со шанси за ТОП 16 остануваат Египет, Шведска, Норвешка и Фарски Острови. Од европските селекции Турција, Исланд и Хрватска ќе разигруваат за пласман од 13 до 24 место.

Најубедлив настап имаше репрезентацијата на Црна Гора, која ја декласираше селекцијата на САД со 52-23. Црногорките уште во првото полувреме стекнаа висока предност (26-12), а до крајот само ја зголемуваа разликата. Голманката Вања Живковиќ блескаше со 15 одбрани и беше прогласена за играч на натпреварот.

Шпанија уште еднаш ја потврди улогата на фаворит, совладувајќи ја Турција со убедливи 33-19. Шпанките доминираа во текот на целиот натпревар и со втората победа по ред се пласира во главната фаза. За најдобра на натпреварот беше избрана капитенката Белен Родригез Ларио.

Австрија без поголеми проблеми ја совлада селекцијата на Парагвај со 29-15 и стигна до втората победа на турнирот. Австријките уште од стартот го презедоа водството и не дозволија изненадување. Матилде Тун со пет погодоци беше избрана за играч на натпреварот.

Унгарија, пак, наиде на поголем отпор од Тунис, но сепак славеше со сигурни 32-24. Африканската селекција одлично парираше во првото полувреме, но Унгарките во продолжението го покажаа квалитетот и стигнаа до втората победа. Голманката Зелда Хорват со седум интервенции беше прогласена за најдобра ракометарка на средбата.

Србија ја запиша втората победа на шампионатот откако славеше против Ангола со 26-16. Клучна фигура во победата беше голманката Ивона Грујичиќ со 16 одбрани и 50% успешност, со што заслужено го понесе признанието за играч на натпреварот.

Република Кореја успеа да направи неверојатен пресврт во последните две минути и да ја совлада Аргентина со 26-24. Аргентинките водеа 24-23 на помалку од две минути до крајот, но не успеаја да ја задржат предноста. Корејките постигнаа три гола по ред и обезбедија место во главната рунда.

Чешка уште еднаш ја потврди одличната форма и убедливо го совлада Исланд со 33-23. Голманката Андреа Бухтова блескаше со 17 одбрани и беше најзаслужна за втората победа на својата селекција. Чешка и Црна Гора ќе играат директен дуел за првото место во групата и пренос на бодови во следната фаза.

Најубедлив триумф забележа Полска, која го декласираше Кинески Тајпеј со 33-10. Полјачките уште од стартот ја презедоа контролата и не дозволија никакво изненадување. Дури 12 ракометарки се запишаа меѓу стрелците, а голманскиот трио на Полска собра вкупно 19 одбрани.

Вториот ден од Светското првенство за младинки донесе историски момент за репрезентацијата на Фарски Острови, која ја запиша својата прва победа во историјата на шампионатот, откако во драматична завршница ја совладаа Хрватска со 23-22. Хрватките успеаја да израмнат на 22-22 на две минути пред крајот, но дебитантките на турнирот имаа последен одговор и стигнаа до историски триумф. Ракул Боргарлид Јоенсен и Силја Ејстберг постигнаа по шест гола за победничкиот состав.

Актуелниот светски шампион Франција не покажа милост против Индија и славеше со убедливи 38-8. Французинките доминираа од првата до последната минута и уште во 11. минута водеа со 9-0. Дури 13 ракометарки се запишаа меѓу стрелците, а најефикасна беше Луан Анри со седум погодоци.

Германија уште еднаш ја демонстрираше својата сила и ја декласираше Канада со 46-11. Европските шампионки од ЕП 2025 уште во првото полувреме ја решија дилемата околу победникот, а голманката Мерле Софи Мут блескаше со фантастичен процент на успешност меѓу стативите.

Сигурна беше и Данска, која ја совлада Алжир со 39-24. Данските ракометарки повторно покажаа широчина во составот, со дури 13 различни стрелци. Кристине Емилие Хопе беше прво име на натпреварот со десет гола и вторпат по ред го освои признанието за играч на натпреварот.

Најголемото внимание го привлече дуелот меѓу Јапонија и Норвешка. Азиската селекција одигра одличен натпревар, славеше со 26-24 и во најголемиот дел од средбата ја контролираше играта. Норвежанките се обидоа да се вратат во финишот и намалија на само два гола разлика, но голманката Хана Осаки со неколку клучни интервенции ја сочува предноста и ја одведе Јапонија до голема победа вредна пласман во главната рунда.

Романија, пак, по вистинска драма ја совлада репрезентацијата на Бразил со 30-28. Иако во второто полувреме имаше предност од пет гола, романската селекција дозволи пресврт и негатива од два гола. Сепак, во завршницата успеа да се консолидира и преку Теодора Дамијан, која беше херој на натпреварот, да стигне до втората победа на турнирот.

Во групата А, Шведска ја запиша првата победа откако беше подобра од Египет со 25-22. Скандинавките направија важен чекор кон главната рунда, а клучна беше серијата во финишот кога одговорија на налетот на Египќанките и го решија победникот.

Домаќинот Кина продолжува да ги радува своите навивачи. Кинеските ракометарки ја совладаа Гвинеја со 27-18 и заедно со Данска обезбедија место во следната фаза. По изедначениот почеток, домаќинките целосно ја презедоа контролата и веќе до полувремето создадоа недостижна предност.