Фаворитите успешно го отворија Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина, а најсилен впечаток остави репрезентацијата на Унгарија, која ја забележа најубедливата победа досега на турнирот.
Унгарките буквално ја прегазија селекцијата на Кинески Тајпеј со неверојатни 46-10. Европската репрезентација уште во првото полувреме обезбеди огромна предност од 30-7, а голманката Грета Мајорош беше клучна фигура со десет одбрани и речиси 59% успешност.
Црна Гора исто така имаше импресивен настап и ја совлада Исланд со 34-24. Иако Исланѓанките четири пати водеа во воведните минути, Црногорките брзо ја презедоа контролата и со серија од четири гола го свртеа резултатот во своја корист. Ивана Савиќ беше прво име во нападот со шест гола, додека Мартина Кнежевиќ го понесе признанието за МВП на средбата.
Шпанија уште еднаш потврди дека е меѓу главните кандидати за медал, совладувајќи ја Аргентина со 29-19. Светските шампионки во кадетска конкуренција од 2024 година уште на стартот поведоа со 6-1 и не дозволија неизвесност до самиот крај. Белен Родригез Ларио, МВП на кадетскиот Мундијал во 2024 година, постигна осум голови и беше најзаслужна за убедливата победа.
Австрија ја оправда фаворитската улога против Ангола и славеше со 29-22. Натпреварот беше израмнет во првото полувреме, но Австријките во продолжението значително ја подигнаа играта во одбраната и постепено ја зголемуваа предноста. Ребека Хруст беше лидер на тимот со седум голови и заслужено беше избрана за МВП на натпреварот.
Србија беше пресилна за Парагвај и славеше со убедливи 40-15. По израмнетиот почеток (1-1), Србинките целосно ја презедоа контролата и со серија од 7-1 го решија прашањето на победникот уште во првото полувреме. Голманката Ивона Грујичиќ блескаше со 54% успешност на одбраните, а сите 13 ракометарки во полето успеаја да се запишат меѓу стрелците.
Најинтересниот натпревар го одиграа Република Кореја и Турција, каде азиската селекција славеше со 32-29. Турчинките се вратија на светската сцена по пауза од 25 години и покажаа дека не се случајно меѓу учесниците. Во поголем дел од мечот беа рамноправен ривал, а во првото полувреме дури имаа и водство од 7-6. Сепак, фантастичната Ајонг Су со девет голови ја предводеше Кореја до важна победа. Букет Севен беше најдобра кај Турција со осум погодоци.
Чешка ја запиша една од најубедливите победи на денот, совладувајќи ги САД со 44-21. Европската репрезентација уште по девет минути игра водеше со 6-1, а на полувремето имаше огромна предност од 23-8. Голманката Андреа Бухтова беше одлична со десет одбрани во првиот дел, додека Викторие Пејсова беше прогласена за МВП на натпреварот. Единствена светла точка кај Американките беше Меги Доерти Далоф со дури 13 постигнати голови.
Полска потешко од очекувањата стигна до победа над Тунис со 26-22. Африканската селекција одлично парираше повеќе од 20 минути, но серија од три гола на Полска направи клучна разлика пред паузата. Зузана Зимницка беше вистински лидер на својот тим со десет голови и сосема заслужено го понесе признанието за МВП на средбата.

Најголемо внимание привлече убедливата победа на домаќинот пред повеќе од 4.000 навивачи. Кина успешно го отвори шампионатот совладувајќи го Алжир со 33-20. Иако во првото полувреме гостинките беа рамноправен противник и на одмор заминаа со само два гола негатива (12-10), домашната селекција целосно доминираше во продолжението. Џинг Лианг и Џијаксин Ху постигнаа вкупно 12 гола, додека голманката Ситонг Хуанг блескаше меѓу стативите и беше една од најзаслужните за убедливиот триумф.
Убедлива победа забележа Египет, кој ја прегази Индија со фантастични 56-21. Африканските шампионки уште од самиот старт покажаа огромна разлика во квалитетот и веќе на полувремето имаа предност од 29-10. Џовареија Тамер Абдала беше нерешлива енигма за индиската одбрана и со максимален ефект од десет погодоци заслужено го понесе признанието за МВП на мечот.
Романија без проблеми ја оправда фаворитската улога против Канада и славеше со убедливи 40-15. Европската селекција доминираше во сите сегменти од играта, а особено се истакна голманската линија која забележа импресивни 57,6 проценти успешни интервенции. Енрика Бодијар беше избрана за играч на натпреварот.
Успешен старт имаше и Јапонија, која ја совлада селекцијата на Фарските Острови со 32-22. Островјанките пружија силен отпор во првото полувреме, но јапонската репрезентација во вториот дел го наметна своето темпо и рутински стигна до првите бодови. Голманката Хана Осаки беше прогласена за МВП на средбата.
Европските селекции Франција, Германија, Данска и Норвешка успешно го отворија настапот на СП во Кина, запишувајќи победи во првото коло од групната фаза. Бранителот на титулата Франција мораше сериозно да се помачи за да ја совлада Шведска со 24–22. Французинките имаа контрола во најголемиот дел од натпреварот и во второто полувреме водеа со осум голови разлика (21-13), но во финишот останаа без погодок речиси девет минути. Шведска го намали резултатот на само два гола негатива, но немаше доволно време за целосен пресврт.
Германија испрати силна порака до конкурентите со убедлив триумф над Бразил од 39-22. Европските шампионки од младинското ЕП од самиот почеток го наметнаа своето темпо и не му дозволија на јужноамериканскиот противник да се доближи. Киара Рор и Фарел Њинкеу постигнаа по осум гола, а голманката Лена Мари Линдеман блесна со 17 одбрани.
Еден од фаворитите за медал, Данска, славеше против Гвинеја со 32-16. Африканската селекција одржуваше резултатска неизвесност во првиот дел, но Данска полека ја зголемуваше предноста и во второто полувреме целосно го скрши отпорот на противникот. Голманското трио на Данска оствари одлични 55% успешност на одбраните, додека Кирстине Емилие Хопе натпреварот го заврши со седум погодоци и признание за МВП на мечот.
Норвешка, пак, ја совлада Хрватска со 27-21 благодарение на одличното второ полувреме. Хрватките се држеа резултатски до средината на вториот дел и израмнија на 15-15, но потоа Норвешка направи серија од шест гола по ред и го реши победникот. Голманката Леа Изабел Лангард беше клучна фигура со бројни важни интервенции и го понесе признанието за играч на натпреварот.






















