Германскиот женски ракомет остана без една од своите најважни ракометарки. Репрезентативката на Германија и членка на дански Копенхаген, Ајми фон Переира, неочекувано објави дека ја завршува кариерата на само 26 години.
Веста ја потврдија и клубот и Германската ракометна федерација, а причината за ваквата одлука се долгогодишните здравствени проблеми, повреди и долгиот процес на рехабилитација.
Фон Переира дебитираше за германската репрезентација во 2025 година и за кратко време одигра 19 натпревари во националниот тим. Минатата година беше дел од селекцијата која го освои сребрениот медал на Светското првенство.
„Таа беше важен дел од нашите планови. Жалиме за нејзината одлука, но целосно ја почитуваме. Иако кратко беше дел од репрезентацијата, брзо стана важна алка, како на теренот така и надвор од него. Ѝ посакуваме сè најдобро во иднина“, изјави селекторот на Германија, Маркус Гаугиш.
Од Копенхаген објаснија дека ракометарката решила да му даде приоритет на своето здравје.
„По долг период исполнет со болест, повреди и рехабилитација, Ајми донесе одлука дека е време да се посвети на своето здравје и да му овозможи на своето тело одмор и целосно закрепнување“, соопштија од данскиот клуб.
Заминувањето на Фон Переира претставува голема загуба за германската репрезентација, бидејќи таа важеше за една од најдобрите специјалистки за игра во одбрана и ракометарка која допрва требаше да ги достигне своите најдобри години.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























