Од Веспрем негираат заминување на Пасквал во Кил – тој останува кај нас уште долго

Унгарскиот гигант Веспрем ги демантираше шпекулациите дека тренерот Хавиер Пасквал би можел да го напушти клубот и да се пресели во германски Кил, во потенцијална размена со плејмејкерoт Елиас Елефсен а Скипаготу.

Преку официјално соопштение, Веспрем јасно стави до знаење дека шпанскиот стратег останува на клупата и дека неговиот договор важи уште две години.

„Последните денови во медиумите се појавија информации дека Хавиер Пасквал преговара со Кил и дека во спротивна насока би заминал Елиас Елефсен а Скипагету. Вистината е дека Пасквал има договор со нас уште две години и имаме намера да ја продолжиме соработката“, стои во соопштението на клубот.

Од Веспрем потсетија дека со Пасквал веќе ја направиле анализата на сезоната 2025/26 и дека заедничката цел останува освојување на европската титула.

Шпанскиот стручњак, кој како тренер на Барселона освои три титули во Лигата на шампионите, го презема Веспрем пред две години. Иако тимот драматично остана без место на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите по елиминацијата од Фуксе Берлин, сезоната сепак беше успешна, Веспрем ги освои шампионатот и Купот на Унгарија, а играше и во финалето на Светското клупско првенство.

Клубот најави и моќен ростер за новата сезона. Во Веспрем пристигнуваат олимписките, светски и европски шампиони Емил Нилсен и Лукас Јоргенсен, како и еден од најголемите унгарски таленти Бенце Имре.

„Тимот за сезоната 2026/27 ќе биде исклучително силен и нашите цели остануваат непроменети“, порачуваат од Веспрем, ставајќи крај на шпекулациите околу иднината на Пасквал.