Македонија Ѓорче Петров веќе ги поставува контурите на тимот за следната сезона, во која амбициите повторно ќе бидат високи. Следната цел е скалило повисоко. А сезонава тимот го освои 4. место во Прва лига. Скопјани ќе го означат стартот на подготовките на 5 август, а клубот влегува во новиот циклус со задржан тренерски континуитет и со неколку важни потези во играчкиот кадар.
На клупата останува Оливер Димитриоски, стратег кој добро ја познава средината и кој во изминатиот период работеше на стабилизирање на тимот. Македонија Ѓорче Петров зад себе има сезона во која шампионатот го заврши меѓу четирите најдобри екипи во Првата лига, што е дополнителен мотив за клубот во следната натпреварувачка година да направи уште еден чекор напред.
Димитриоски е тренер со богато искуство во македонскиот ракомет. Поседува Мастер Коуч лиценца, долги години работеше со младинските категории на Металург, но беше и дел од сениорскиот проект во Автокоманда. Со Металург во 2019 година го освои Купот на Македонија, во финалето против Вардар, што останува еден од неговите најзначајни тренерски успеси. Во кариерата го водеше и Скопје, а кратко работеше и во женскиот ракомет, во Ѓорче Петров.
Клубот веќе го задржа поголемиот дел од играчите на кои смета за следната сезона. Нови двегодишни договори потпишаа голманот Давид Стојкоски, левото крило Михаил Тотиќ, како и бековите Бојан Чакалиќ и Панче Ристовски.
Во стручниот штаб ќе има и ново име, но многу добро познато за клубот и за навивачите. Досегашниот капитен Боби Неделковски, кој по завршувањето на сезоната ја заврши играчката кариера, ќе биде помошник на Димитриоски. Спортски директор на клубот ќе биде Дејан Цветановски, кој во минатото беше поврзан со клупата на Македонија Ѓорче Петров и добро ја познава структурата на клубот.
Во играчкиот кадар се очекуваат и нови имиња. Клубот е во преговори со неколку ракометари, а веќе е договорен младиот голман Иван Мирчевски. Станува збор за 19-годишен голман од Битола, кој треба да ја зголеми конкуренцијата меѓу стативите и да биде инвестиција за иднината.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на www24rakomet.mk. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























