Матијас Гидсел бара 900.000 дански круни отштета (околу 120.000 евра), а заедно со уште повеќе дански спортски ѕвезди влезе во правна битка поради наводно незаконско користење на нивните фотографии во комерцијални објави поврзани со обложување.
Данскиот ас е на врвот на листата со барања за отштета, а според данските медиуми токму неговото побарување е највисоко меѓу спортистите што ја покренале постапката. Станува збор за спор околу користење фотографии без дозвола, тема што во Данска веќе има и сериозна судска позадина. Покрај Матијас Гидсел во случајот е вклучен и Симон Питлик, како и ракометарки на Оденсе. Има 22 спортисти кои се наоѓаат на поднесената тужба.
Целиот случај добива дополнителна тежина затоа што не е прв ваков спор во Данска. Во претходен сличен процес, Bet365 беше задолжен да плати вкупно 4,7 милиони дански круни на 23 дански спортисти поради неовластено користење на нивните имиња и фотографии на социјални мрежи. Во тој случај, најголемото поединечно обештетување изнесуваше 1,45 милиони круни.
Токму затоа и новата тужба, во која најзвучно име е Гидсел, веднаш привлече големо внимание. Данецот е едно од најголемите лица на светскиот ракомет и една од најпрепознатливите спортски фигури во својата земја, па секоја правна битка поврзана со неговиот лик и имиџ добива и поширока тежина.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________






















