Дебрецин е прв шампион во младинската Лига на шампиони!

Унгарскиот тим Дебрецин испиша историја и стана првиот освојувач на титулата во младинската Лига на шампиони, откако во големото финале во Будимпешта славеше над ЧСМ Букурешт со 41-39 по продолженија.

Финалниот натпревар понуди неверојатна неизвесност. Дебрецин во финишот на регуларниот дел имаше и предност од шест гола, но романскиот состав успеа да направи голем пресврт и со гол во последните секунди да избори продолженија. Сепак, унгарскиот тим остана посмирен во дополнителните десет минути и стигна до историскиот трофеј.

Хероина на победничкиот состав беше голманката Вивиен Табит со дури 18 одбрани, додека Вера Такач постигна 13 погодоци и беше прогласена за МВП на турнирот. Кај романскиот тим најдобра беше Марија Спринченату, која заврши како најдобар стрелец на завршниот турнир со 21 гол.

Во натпреварот за третото место, Ѓер убедливо го совлада Ференцварош со 34-24 и го освои бронзениот медал.

Ова беше првото издание на женска Лига на шампиони во младинска конкуренција, натпреварување кое Европската ракометна федерација го воведе за најталентираните младински екипи од Европа.