Ракометарките на Мец ја освоија првата титула во клупската историја во Лигата на шампионите, откако во интересно финале го совладаа составот на Ѓер со 31-29 во преполната арена „МВМ Дом“ во Будимпешта, каде што унгарскиот тим ја имаше големата поддршка.
За Мец ова беше петти пат да игра на Ф4 турнирот во најелитната женска конкуренција, но прво финале, бидејќи досега беа четири пати елиминирани во полуфиналето. Ѓер ќе мора да почека за осмата титула и да се израмни со Хипо на второто место на вечната листа по бројот на европски титули.
Ѓер отвори со водство од 3-1, но Мец набрзина се врати на 4-4. Се играше брзо и атрактивно, но и со голмански одбрани на Бундсен и Сако на двете страни. Унгарскиот и европски првак во продолжение имаше предност меѓу еден и три гола, а Мец немаше решенија во одбраната за ударите на Де Паула и Хаусхер.
На пет минути до паузата беше 17-15 за Ѓер, но тука како да застанаа избраничките на Пер Јохансон. Пивотот на Мец, Букти, беше енигма за голманките на Ѓер и погодуваше или изнудуваше пенал, па со серија од три гола до крајот на првиот дел, францускиот вицепрвак го презема водството, 18-17.
На стартот на вториот дел Ѓер затаи во нападот, Дулфер беше исклучена, почнаа да грешат Хаусхер и Де Паула, за тоа време Мец ја казнуваше секоја грешка на ривалот и успеа да отиде за кратко време на плус шест, 28-22. Унгарскиот тим беше осум минути без гол, а потоа Јохансон мораше да бара тајм-аут.
На теренот влезе Словенката Станко, успеа да ја забрза играта на Ѓер и на пет минути до крајот условно домаќинот на овој Ф4, успеа да намали на минус два, 30-28. Бристол доби црвен картон по опасен старт над Грандво, но Мец погреши и Ѓер тргна во напад за минус еден.
Но тој напад не беше искористен, па Мец казни за 31-28. Сако потоа им овозможи на своите колешки нова шанса за минус еден, но Јоргенсен направи пробивање и потоа немаше потреба францускиот тим да напаѓа и можеше да почне славјето на избраничките на Емануел Мајонад.
Најдобри стрелци кај победникот беа Буктит со 12 голови, а по три пати погодија Грандво, Акснер, Грание и Вамос, додека голманките Бундсен и Новотна собраа осум одбрани. Голманките на Ѓер, Сако и Шемери имаа 14 интервенции, а кај стрелците се истакна Де Паула со седум гола.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























