Европската ракометна федерација изрече казни за Хрватската ракометна федерација и селекторот на машката репрезентација, Дагур Сигурдсон, по инцидентите за време на ЕП 2026.
Селекторот на Хрватска е казнет со 4.000 евра поради навредливи коментари упатени кон ЕХФ на официјалната прес-конференција по полуфиналниот натпревар. Од вкупната сума, 2.000 евра се условни и нема да бидат наплатени доколку во следните две години не направи нов прекршок.
Дополнително, Хрватската ракометна федерација доби казна од 10.000 евра поради прекршување на официјалниот протокол на церемонијата за доделување медали и правилата за користење знамиња, откако било истакнато неовластено знаме за време на церемонијата.
И во овој случај, дел од казната е условен, 2.500 евра нема да бидат активирани доколку во наредните две години нема нов прекршок.
Од ЕХФ соопштија дека двете одлуки може да бидат обжалени во рок од седум дена пред Судот за жалби на федерацијата.

























