Една од најдобрите српски ракометарки во последните две децении, Драгана Цвијиќ, официјално стави крај на својата богата играчка кариера.
Искусната ракометарка преку емотивна порака се збогуваше со спортот кој, како што самата напиша, бил нејзин живот, страст и љубов.
„Драг ракомету, дојде моментот да затворам едно големо и посебно поглавје од мојот живот. По сите години минати на теренот, донесов одлука да ја завршам мојата ракометна кариера. Тешко е да се пронајдат вистинските зборови за сè што ми даде ракометот – пријателства за цел живот, непроценливи искуства, победи кои се паметат, но и порази од кои растев“, напиша Цвијиќ.
Таа упати благодарност до сите клубови, тренери, соиграчки, навивачи и членови на семејството кои биле дел од нејзиниот пат.
„Ракометот не беше само спорт – беше мој живот, моја страст и дел од мене што засекогаш ќе остане во моето срце. Иако се простувам од терените, спомените и љубовта кон овој спорт остануваат засекогаш. Се гледаме во некоја нова улога“, порача легендарната Србинка.
Во репрезентативниот дрес на Србија, Цвијиќ го освои сребрениот медал на Светското првенство во 2013 година, како и златото на Медитеранските игри истата година.
На клупски план двапати беше европска шампионка, во 2012 и 2015 година, а во текот на кариерата настапуваше за големи европски клубови како Црвена Звезда, Крим, Будуќност, Вардар, ЧСМ Букурешт, ЦСКА Москва и Ференцварош.
Со нејзиното пензионирање, европскиот ракомет останува без уште едно големо име кое остави длабока трага на терените ширум Европа.


























