Машката репрезентација на Македонија води со пет гола на паузата на гостувањето во Прешов кај селекцијата на Словачка, 18:13.
Избраниците на Кирил Лазаров го отворија мечот со водство од 2-0, но домаќинот набрзина направи пресврт по двете одбрани на Жернович за 3-2.
Потоа мечот продолжи гол за гол, се погодуваше паралелно на двете страни, а по дваесетина минути Македонија вторпат стигна до плус два, 11-9.
Лазаров ги ротираше сите ракометари, па бековската линија што го почна мечот – Кузмановски, Митев и Велковски, беше заменета со Ѓорѓиев, Атанасијевиќ и Јагуриновски. Доминираше Лазаревски на линијата, кој се разигра и нанижа четири гола, па веќе беше 14-11.
Томовски фати пенал, но Јагуриновски не беше прецизен на спротивната страна и Словачка намали на 15-13. Во четири напади немаше голови на двете страни, пред Костески да казни на празен гол за 16-13, а истиот играч зголеми на плус четири, 17-13.
Томовски одбрани уште еден зицер, а Кузмановски со бомба пред звукот на сирената зголеми на пет гола разлика, 18-13.
Реванш пресметката меѓу Македонија и Словачка се игра на 17 мај, в недела, од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
























