Легендата на Данска доби нова улога во националниот тим

Хенрик Мелгард се враќа во данската репрезентација, но овојпат во нова улога – ќе биде нов помошник селектор на машката национална селекција на Данска.

Данската федерација официјално потврди дека Мелгард ќе ја преземе функцијата од 1 септември 2026 година, а договорот е со важност до 31 август 2028. Во исто време, тој ќе продолжи да работи и како помошник тренер во француски ПСЖ, каде што веќе е дел од стручниот штаб.

Со ова именување, Данска добива човек кој одлично ја познава репрезентацијата и нејзината култура. Мелгард зад себе има богата играчка кариера, 230 настапи за националниот тим, две олимписки злата и четири светски титули, што го прави едно од најискусните и најпочитувани имиња во данскиот ракомет.

Тој ќе го наследи Хенрик Кронборг, кој неодамна реши да се повлече од функцијата. Селекторот Николај Јакобсен добива соработник кој до неодамна беше дел од соблекувалната и кој, поради близината со сегашната генерација, може да донесе дополнителна вредност во секојдневната работа со тимот.

Задоволство од изборот изрази и Николај Јакобсен, кој смета дека Мелгард е профил што одлично одговара на тимот и дека може да изгради сериозна тренерска кариера.

Во Данска неговото назначување се гледа како логичен чекор – легенда на репрезентацијата постепено преминува во тренерски води, а истовремено останува поврзан и со клупскиот ракомет на високо ниво преку ангажманот во ПСЖ.