Струга го испрати Радовиш во Прва лига

Ракометарите на Струга ја запишаа можеби најзначајната победа во суперлигашкиот плеј-аут, откако славеа против Радовиш со 33-26.

Со овој триумф стружани практично го испратија ривалот кон прволигашката конкуренција, а себе си осигураа најмалку бараж за опстанок во елитата. Струга сега има девет бода на петтото место, додека радовишани се последни без бодови на пет кола до крајот.

Гостите долго време одолеваа, на полувремето дури и водеа со 15-14, во вториот дел имаа и плус два, но стружани се вратија во егал, а потоа преку Костоски и Симоноски направија пресврт и поведоа со 24-21 и веќе немаше назад за Радовиш.

Нападот на гостинската екипа комплетно затаи, последните десетина минути минаа во комплетна доминација на Струга и немаше дилеми околу победникот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Костов со девет гола, како и триото Ферукоски, Мечкароски и Мајдуб со по шест погодоци, а одличен на голот беше и Тутенкоски со десет одбрани. Кај Радовиш се истакна Петров со шест погодоци.