Прилеп со голем пресврт до бодови против Куманово!

Ракометарите на Прилеп ја продолжуваат трката за првото место во суперлигашкиот плеј-аут со екипата на Еурофарм Пелистер 2, откако славеше над Куманово со голем пресврт со 29-25.

Сега избраниците на Наум Танески имаат 24 бода на првото место, додека младите пелистерци се втори со 23. Далеку зад овие екипи е Пролет со 17 бода, додека Куманово останува четврти со девет бода.

Домашните водеа со четири гола во првото полувреме, 10-6, но кумановци покажаа карактер и предводени од голманот Калзадо, како и од Димевски и Ончев во нападот стигнаа до реми, 10-10, а потоа до паузата се играше гол за гол.

Куманово дури и водеше во два наврати во вториот дел со 19-16, односно 20-17, но на сцена стапи домашниот голман Ангелески. За десетина минути прилепчани ја стопија негативата.

По 22-21 за Куманово, Прилеп направи серија од шест гола, гостите ја загубија течноста во нападот и почнаа да грешат, па влегоа во „црна дупка“ и десетина минути не може да постигнат погодок.

Не помогна ниту тајм-аутот на Радосављевиќ, па Прилеп со сигурни пет плус, 27-22 влезе во финишот, а тоа беше доволно за мирна завршница и без особени возбудувања, домашните ја потврдија ппобедата.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Цветаноски со осум и Квастек со шест погодоци, додека голманот Ангелески запиша 13 одбрани. Во составот на Куманово, голманот Калзадо имаше 11 интервенции, а во нападот се истакнаа Димевски со осум и Ончев со шест гола.