Кузманоски ќе си оди од Бутел – ќе гради нов проект во странство

Откако беше исполнета целта, пласман меѓу ТOП 6 екипите во првенството и разигрувањето за тутулата, екипата на Бутел веќе почнува да размислува за следната сезона, а меѓу местата што треба да бидат пополнети е и тренерското столче. Сегашниот тренер Горан Кузманоски во следните две сезони ќе го има својот втор интернационален предизвик како тренер.

Кузманоски во следните две сезони ќе биде дел од амбициозниот план на екипата на Строволу од Кипар. Тие играат во Втората лига, но веќе обезбедија место во елитата. Во Кузманоски гледаат тренер со кој би требало да одат напред, и да се вратат и на меѓународн сцена.

Делегацијата на Строволу деновиве беше во Скопје каде ги финализираа сите детали за трансферот, а ги следеа и мечевите на Вардар во Лига Европа против Бенфика, и на Еурофарм Пелистер со ПСЖ во Битола. Во разговор за 24Ракомет потврдија дека Кузманоски ќе биде дел од проектот со кој сакаат на клубот да му дадат дополнителна вредност и да направат чекор напред во организациски и резултатски план.

Го следеле Кузманоски во претходниот период и биле задоволни од тоа како го води тимот на Бутел, и плус и кадетската репрезентација на Македонија со која селекторот избори место на ЕП во Србија летово.

Кузманоски зад себе има интернационално тренерско искуство од Романија каде настапуваше за Одорхеи, а потоа беше и тренер – играч. Во Македонија беше тренер во Скопје, по што премина во Бутел. И лани и годинава играа во Купот на ЕХФ, а тимот во меѓувреме направи подмладување и игра во плеј-офот. Скопјани се едни од ретките што покажуваат континуитет, бидејќи осум сезони веќе се дел од плејофот, играат и во Европа, и се повеќе им даваат шанса на млади играчи да напредуваат.

Плановите на Строволу се да бидат конкурентни во највисокиот ранг на натпреварување на Кипар, откако сезонава веќе обезбедија место во повисок степен на играње. Со Кузманоски добиваат тренер кој ќе им пренесе знаење на играчите, и ќе помогне во издигнување на клубот.