Пролет има нов тренер – почнува ерата на Маjнов

Доне Мајнов ќе биде предводник нa Пролет на стартот од втората полусезона од Супер-лигата, откако ракометарот со најголем стаж во клубот реши да ја заврши играчката кариера.

По кратки разговори беше најден заеднички јазик, тој во наредниот период да седне на клупата и токму во клубот каде мина најдолго време како играч, сега да ја стартува и тренерската кариера.

Доне Мајнов го носеше дресот на Пролет уште од 2012 година, беше дел и од екипата што го освои третото место во Супер-лигата (најдобар пласман од осамостојувањето на Македонија), како и од тимот што потоа на гостински терен славеше на еден од двата меча со славниот шпански клуб Гранолјерс.

Тој веќе ја одржа првата прозивка со екипата и ги води подготовките, заедно со уште еден ветеран што до неодамна го носеше дресот на Пролет. Станува збор за Златко Даскаловски, легендарниот македонски голман кој исто така реши зимава да ја заврши кариерата како играч. Даскаловски ќе биде дел од стручниот штаб на Пролет во вториот дел од сезонава, притоа и ќе работи со голманите во тимот.