Избраниците на Кирил Лазаров ја израдуваа Македонија со победа во последното коло откако беа поуспешни од Романија со резултат 24-23. Со оваа победа Македонија се уште е теоретски во игра за главната фаза, но ќе чека огрoмна услуга од домаќинот Данска, која треба да го совлада составот на Португалија со 18 голови разлика, за нашите момци да завршат на второто место и да се пласираат во ТОП 12.
Македонија имаше одлично отворање на натпреварот и резултатот, квалитетот во одбрана и брзите контра напади преку Џонов и Костески ни донесоа предност од три голови и три неискористени напад за „плус четири“. За среќа одбраната на македонските ракометари не дозволи гол за Романците цели 10 минути, а Кузмановски ја продолжи нашата серија за 4-0. Дури во 11 минута Станчук од пенал го постигна првиот гол за Романците. Во средина на вториот дел голманот на Романија Попеску имаше свои моменти, па разликата се намали на само два гола. Македонија во 17 минута имаше играч помалку по исклучувањето на Џонов, но разликата ја одржавме благодарејќи на головите на Серафимов и Ѓоргиев. На паузата Македонија водеше со 13-9.
Вториот дел Митев со гол го отвори за пет разлика за Македонија. Но не успеавме да искористиме неколку напади иако имавме шанса и за плус шест, па Романците возвратија и намалија на три голови негатива. Разликата се одржуваше и низ средината на вториот дел, а Романија имаше неколку шанси да намали откако Македонија по црвениот картон на Аларов остана со играч помалку. Но одличниот Томовски во тој период и даваше шанса на Македонија да чекори кон сигурна победа.
Имаа Романците шанса да намалат и на минус еден по промашениот пенал на Серафимов, но не успеаја, па Кузмановски казни за 22-19. Капитенот потоа беше исклучен, не искористивме два напади, Романците добија самодоверба и израмнија на 22-22 кога останаа да се играат уште три минути.
Големата позитива отиде во неврат, па сега мораше да спасуваме тоа што можеше да се спаси. Џонов доби топка, но не погоди и Романија тргна во напад за прво водство на мечот. Во нивниот напад Кумпаничи го удри со лакт во лицето Атанасијевиќ, па доби црвен картон, но ривалот на Македонија остана во посед на топката.
За среќа промашија, а „црната дупка“ на нашите момци траеше шест минути. Лазаров повика тајм-аут, беше договорена акција и изнуден пенал, кој го реализира Кузмановски. За Романците останаа триесетина секунди, по минутата одмор на Буричеа, примивме гол од Станчук. Но за седум секунди беше организирана акција, топката дојде до Костески, кој го погоди романскиот гол и победата беше за Македонија.
Девет гола за Македонија даде капитенот Кузмановски, а четири пати стрелаше Костески, додека голманите Томовски и Митревски собраа седум интервенции.


























