Грузија беше на чекор до чудо со Хрватска, Шпанија и Франција во ТОП 12

Селекцијата на Хрватска мораше добро да се испоти за да стигне до триумф над Грузија, откако победникот го реши во последните пет минути и славеше со 32-29.

Грузија по петнаесетина минути водеше со 11-5, па 12-6, но оттогаш нивниот напад влезе во „црна дупка“ и Хрватите со серија од седум голови направија комплетен пресврт. На паузата беше 14-13, но сите што помислија дека ќе им биде лесно во вториот дел, погрешија.

Грузија предводена од Сковребадзе парираше одлично, најчесто се играше гол за гол и се влезе во неизвесна завршница во последните десетина минути. Хрватите се изнапромашуваа, екс членот на Охрид и Прилеп, Цинцадзе му фати пенал на Лучин, претходно не погоди ниту Шоштариќ од истата позиција.

На 28-27 за Хрватска, Грузија имаше два напади за реми, но не успеа да погоди и казната следуваше преку Мартиновиќ. Момците на Тите Каланадзе немаа решение во завршните моменти и Хрватите ги освоија бодовите за кои трепереа скоро до крајот.

Шоштариќ со осум и Циндриќ со шест гола го водеа хрватскиот напад, а кај Грузија се истакна Сковребадзе со седум и екс членот на Струга, Дикаминџија со шест гола, додека голманот Цинцадзе запиша девет одбрани.

Европскиот шампион Франција немаше проблеми против Украина, славеше убедливо со 46-26 и обезбеди место во главната рунда на континенталниот собир. Украинците парираа петнаесетина минути, водеа во два наврати со по два гола, но потоа се си дојде на свое место.

На паузата „триколорите“ водеа со 24-12, а второто полувреме беше само формално одработување на задачата. Дебоне и Болзанже комбинираа 16 одбрани на францускиот гол, а во нападот Конку, Наи и Ричардсон дадоа по шест гола. За Украина, осум погодоци даде Артеменко, а Турченко стрелаше седум пати.

Шпанија исто така обезбеди место во главната рунда, откако по Србија ја совлада и Австрија со 30-25. „Фуријата“ доминираше, Хернандез бранеше тоа што треба, иако шпанската одбрана често капитулираше пред корпулентниот Вагнер. Но нивниот напад тоа го компензираше и лесно погодуваа Гомез, Сердио, Тарафета…за плус седум на паузата, 19-12.

Австријците се вратија на минус четири во неколку наврати во вториот дел, беа упорни, но немаа фактор икс за да направат целосен камбек. Шест гола за Австрија даде Вагнер, а Билик и Хутечек стрелаа по пет пати, а голманот Мостл имаше 11 интервенции. Кај Шпанците, Гомез и Гарсијандија дадоа по четири гола, додека Хернандез запиша 13 одбрани.