Мотивираната Србија не успеа до чудо со Шпанија, Франција ја демолира Чешка

Селекциите на Шпанија и Франција победнички го отворија Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка. „Фуријата“ имаше полесна задача од очекуваното и ја совлада Србија со 29-27, додека европскиот првак Франција немаше мака против Чешка и славеше со 42-28.

Шпанците, кои на ова ЕП дојдоа со изменет ростер и без Де Варгас, Коралес, браќата Цикуша…уште од стартот на мечот си го фатија редот и поведоа со 7-3 по десетина минути игра, па Раул Гонзалез мораше да бара тајм-аут.

Се разигра Ѓукиќ, кој почнa да погодува и од игра и од пенал, па Србите намалија на минус два, но сепак на паузата момците на Жорди Рибера заминаа со висока позитива од пет погодоци.

Борзаш беше расположен за игра во второто полувреме, но Биоска му фати пенал на Ѓукиќ, па долго време Србија не можеше да ја намали негативата под три погодоци. Тоа се случи откако Вања Илиќ даде гол за 26-24 кога остануваа уште десет минути.

По грешката на Фис, Додиќ можеше да намали и на минус еден, но Хернандез се испречи пред него, па казната стигна преку Душебаев за 27-24. Потоа шпанскиот голман одбрани уште два пати и немаше веќе дилеми околу победникот.

Најдобри кај Шпанија беа Тарафета со шест и Сердио со четири гола, додека голманите Хернандез и Биоска комбинираа седум одбрани, исто колку што имаа Милосављев и Цупара. Кај Србите се истакнаа Којадиновиќ со шест гола, како и членот на Охрид, Ѓукиќ и Вања Илиќ со по пет погодоци.

Французите поведоа со 6-0, покажаа уште од стартот кој е кој на овој натпревар и до крајот само ја зголемуваа разликата во нивна корист. На паузата беше 20-14, а во вториот дел селекторот Жил им даде шанса на сите свои ракометари.

Пранди, Ричардсон и Наи со по шест погодоци го предводеа францускиот напад, додека кај Чешка се истакна Широки со шест гола.